БАНКАРОТ ГЛИГОР БИШЕВ ЌЕ ГО ВОДИ ТЕЛОТО ЗА КОНТРОЛА НА БУЏЕТОТ И ДОЛГОВИТЕ - странците го бараат Фискалниот совет
Објавено во: Финансии 20 Декември, 2023
Поранешен банкар и монетарец, професор и надворешен советник на премиерот, ќе го води Фискалниот совет на земјава, ново тело кое треба да ги одобрува и контролира фискалните и даночните политики на државата, со цел таа да биде зауздана во трошењето на народните пари. Имено, Глигор Бишев ќе биде раководител на Стручната служба на Фискалниот совет Скопје, а тоа е објавено во Централниот регистер на земјава.
Пријава била доставена на 22 ноември, а таа е одобрена во текот на завчерашниот ден, стои во објавата од Централниот регистар. За ова тело се наведува дека има целосен назив Стручна служба на Фискалниот совет Скопје, кое се формира врз основа врз основа на Законот за буџети, како и дека станува збор за микро субјект кој е во државна сопственост. Како организационен облик се наведува дека станува збор за „други агенции, берзи и други организации основани со посебен закон“, а надфлежен регистар е Регистарот на други правни лица. Како основач на Фискалниот совет фигурира Собранието на Македонија.
Инаку, во јуни годинава беше направен изборот на три истакнати економски имиња кои ќе бидат членови на фискалниот совет, а кои ќе мониторираат како власта го крои и
менаџира државниот буџет, и ќе укажува дали е тоа добро или лошо за фискалната
одржливост на државата. Изборот падна на академик Абдулменаф Беџети, професорката од Економски факултет Мирјана
Трпеска, како и долгогодишниот банкар и професор Глигор Бишев.
Ова тело одамна беше заговарано, но ќе се формира оваа или поверојатно на стартот на идната година, а главна цел му е да биде еден вид контролен механизам на секоја една власт, со цел таа да не „забега“ со високи буџетски дефицити и нивоа на јавен долг, со кои потоа не би можеле да се справуваат идните генерации, а и би го довеле во прашање навременото раздолжување на државата.
Членовите на Фискалниот совет, како што и беше предвидено, ги предложија три институции, и тоа Македонската академија на науките и уметностите, потоа Државниот завод за ревизија.
Она што е познато е дека членовите на фискалниот совет ќе земаат по две просечни плати, што согласно последната просечна плата од над 36 илјади денари, значи дека тие би добивале месечен надоместок од нешто над 72 илјади денари.
Глигор Бишев на јавноста и е познат како долгогодишен успешен банкар, кој претходно учествуваше и во врвните функции на монетарната власт на државава. Бишев ќе членува во Фискалниот совет како предлог на Народна банка на Македонија, токму институцијата од каде и што се неговите професионални почетоци. Како набљудувач на процесот на избор се јавила и Светска банка. Според она што беше наведено во неговата кандидатура за членското место во советот, проф. Д-р Глигор Бишев е претседател на Советот за образование и стратешки истражувања при Стопанската комора на Македонија, потоа надворешен советник на премиерот, како и член на Надзорниот одбор на Шпаркасе банката, каде што долго време ја извршуваше главната директорска функција. Односно, од мај 2013 година до 2022 година тој беше главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на Шпаркасе банка, додека, пак, од 2000 до 2013 година беше главен извршен директор и претседател на УО на Стопанска банка Скопје. Од 1997 до 2000 беше заменик гувернер на НБМ, а од 1994 до 1997 година беше вицегувернер во централната банка. Има бројни академски ангажмани, трудови, две книги, како и 250 статии.
Фискалниот совет за својата работа одговара пред Собранието пред кое ќе поднесува извештај за својата работа најмалку еднаш годишно до крајот на мај за претходната година. Согласно Законот, Фискалниот совет на независна, објективна и професионална основа ќе изработува анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија, за ребалансите, полугодишниот извештај за реализација на буџетот, како и завршната сметка на Буџетот. Сите членови на Фискалниот совет ги вршат своите активности во Советот без засновање работен однос.
Мандатот на членовите на Фискалниот совет е шест години, без право на повторен избор. Сепак, лицето кое ќе биде предложено за член во првиот состав на Фискалниот Совет на предлог на Народната банка, ќе има мандат од две години со право на повторен избор.
Минатиот месец кога ММФ го даде својот извештај за земјава, наведоа неколку работи кои се потребни за поефикасни јавни финансии, а притоа беше наведено дека го поздравуваат формирањето на Фискалниот совет и очекуваат тој да стане целосно оперативен во 2024 година, што според нив, ќе го подобри фискалното управување“.
Во неодамнешното интервју за Фактор министерот за финансии Фатмир Бесими, говорејќи за буџетот за идната година, изјави дека преку носењето на новиот Закон за буџети, зајакната е и контролата за обезбедување на фискалната одржливост, и тоа преку воведување Фискален совет, како и фискални правила.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.