Човекот кој удри волонтер во Ченто ќе плати казна
Објавено во: Македонија 10 Август, 2016
Хајрадин Сулиш од Скопје, кој вчера удри волонтер во населбата Ченто поради критика упатена до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ќе треба да плати парична казна.
Од Министерството за внатрешни работи попладнево соопштија дека волонтерот Гоце Маркоски, член на „Левица“, денеска во 10.15 часот го пријавил случајот во полиција, по што на Сулиш му бил издаден записник за констатиран прекршок по член 12 од Законот за прекрошиците против јавниот ред и мир. Паричната казна за овој прекршок изнесува од 600 до 800 евра.
„На 10.08.2016 година во 10.15 часот М.Г. од Прилеп, пријавил дека на 9.08.2016 година околу 12 часот на улица Томас Минцер бил физички нападнат од страна на лицето Х.С. при тоа истиот најпрвин го влечел за маицата, а потоа го удрил со тупаница во пределот на лицето од левата страна, но од физичкиот напад не се здобил со видливи повреди“- се наведува во соопштението од МВР.
Во соопштението пишува дека до физичкиот напад дошло „поради недоразбирање и вербална расправија околу давањето помош на локалното население зафатено од поплавите“.
Инцидентот беше снимен од екипа на бугарската телевизија „Нова“, а покрај Груевски, очевидци на нападот беа и вицепремиерот и министер за економски прашања, Владимир Пешевски и министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.
Маркоски беше нападнат откако му рече на Груевски дека за санирањето на штетите граѓаните се оставени сами на себе три дена.