ЧУДНА МАКЕДОНИЈА: Тонеме во институционална криза, има ли излез?
Објавено во: Македонија 08 Март, 2017
Македонија влезе во длабока политичка и институционална криза, откако ни после истекот на рокот не се распишани редовни локални избори кои би требало да се одржат во втората половина на мај.
Полека станува јасно дека локалните избори ќе бидат одложени, а според некои нагодувања, нивното одржување ќе биде закажано на есен.
Мандатот на сегашниот состав на локални власти во земјата истекува на 20 март. Рокот за распишување на локални избори беше 6 март, а изборите би требало да се одржат во 70 до 90 дена од тој датум односно средината на мај.
Аналитичарите и професорите велат дека е неопходно одложување на локалните избори.
„Во наредниот период ќе мора да се продолжи мандатот на сегашните градоначалници и општински совети, бидејќи тие по завршувањето на законскиот рок не може да ја извршуваат таа функција“, вели професорот по уставно право Бајрам Положани.
Професорот Борче Давитковски вели дека Македонија паднала во длабока уставна и политичка криза поради пречекорувањето на роковите за закажување локални избори.
Дел од аналитичарите, имено, сметаат дека и легитимитетот на владата е доведен во прашање, иако според Уставот, страта влада останува на должност до изборот на новата.
Останува, меѓутоа спорен легитимитетот на локалните власти со оглед на тоа дека не постои никој кој е властен да одлучи за одложување на локалните избори, што дополнително ги кочи институциите во државата.
Истовремено, двете најголеми партии во земјата цврсто стојат на своите позиции кога се работи за формирање на нова влада.
СДСМ на Зоран Заев порача дека претседателот Иванов и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски треба да го почитуваат Уставот и да не заговараат поделби, туку мандатот за состав на нова влада да и го дадат на таа партија.
„Иванов мора да го даде мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, да формира нова влада на Македонија“.
Неприфатливо е тоа што Груевски поттикнува поделби во Македонија и користи насилство само затоа што граѓаните на последните избори се определија за промени, а тоа значи дека тој ја изгуби власта“, соопштија од СДСМ.
Од ВМРО ДПМНЕ пак порачуваат дека Заев ја прифатил албанската платформа, која е создадена во Тирана, и која е штетна за Македонија.
„Изборите поминаа а граѓаните гласаа за ВМРО ДПМНЕ, а не за тиранската платформа. Неприфатливо е таа платформа од Тирана да стане услов за формирање на влада.
Таа влада би била „тиранска влада“. Заев и СДСМ немаат проблем со свиткување на кичмата и прогласување на албанскиот јазик официјално писмо. Заев нема проблем да го промени името, химната и знамето“, наведуваат од ВМРО ДПМНЕ.
Груевски порача дека гледа два начина за излез од длабоката политичка криза во која западна Македонија, а тоа е нови парламентарни избори кои би биле одржани заедно со локалните, или Заев да формира влада, но претходно да ја одбие албанската платформа.
Од друга страна, лидерот на ДУИ, претходно рече дека распишувањето на локалните избори може да биде одложено, но дека тие сепак треба да бидат одржани во законскиот рок, во мај оваа година.
И.С.