Дали фриленсерството е „сламка за спас“ за младите од сиромашните земји?
Објавено во: Економија 30 Ноември, 2022
Младите во сиромашните држави каде невработеноста е висока, а платите се мали, велат дека благодарение на фриленсерството можат солидно да заработат и да си овозможат подобар живот.
Фриленсерот Петар Тодоровски вели дека е добро тоа што во последните неколку години преку фриленс проекти луѓето имаат пристап до глобалниот пазар на труд каде што можат да ги понудат своите услуги.
„Има неколку причини зошто е тоа добро: 1) Тоа е слободен пазар каде што секој завршува онака како што заслужува. Нашето општество, институции, компании и граѓани, декларативно се залага за истото, но во пракса секој се труди да го зезне пазарот. 2) Битно е што знаете да правите и дали некој е спремен да плати за тоа. Не се битни дипломи, сертификати, или врски, битни се само вештините. Има луѓе што се едуцираат на Јутјуб и разни курсеви по интернет за да стекнат вештини, потоа прават некој сопствен проект или цело портфолио за да го покажат знаењето пред клиентот, и тоа за многумина е доволно. Има и студенти што почнуваат со фриленс работа пред да стекнат диплома. 3) Не морате да работите за некој за кого што не сакате да работите. На интернет има бесконечно многу потенцијални клиенти. Ако некој не сака да плати доволно или да понуди соодветна флексибилност во работата, ќе треба да најде друг да работи за него. 4) Повеќе се плаќа. Кога работната сила ќе ја заглавите во мал пазар, со малку компании кои згора на тоа и не работат добро, платите секако дека ќе бидат мали. Но, не мораме повеќе да работиме за нив и да чекаме да тргне на подобро. 5) Постои можност цело време да се напредува. Многу луѓе од банки, од јавна администрација, но и од ИТ компании преоѓаат на фриленс работа затоа што не гледаат можност повеќе да напредуваат, сакаат повеќе пари или сакаат поголема флексибилност во поглед на работното време или локацијата од каде што се работи“, вели Тодоровски.
Додава дека ова за некои ова е „сламка“ за финансиски спас, за некои спас од неквалитетниот работодавач, за трети поголема флексибилност и повеќе пари во животот. За повеќето е комбинација од сите овие работи. Вели добро е што младите не мораат да зависат од локалната економија. Објаснува дека за нас фриленсерството нуди поширок спектар за работен ангажман.
„За нас да. Не заради самата природа на фриленс работата, туку заради тоа што странските компании за кои работиме работат на поинтересни нешта. Јас сум правник и за еден од клиентите, меѓу другото, работам на усогласување на софтверот со законите за заштита на лични податоци ширум светот. Работам и со нивниот маркетинг тим во изработката на маркетинг и едукативни материјали во кои ги објаснуваме законите на корисниците. На прсти се бројат слични работни места во Македонија и не се добро платени. Исто така може да се успее на микро-пазари кои се многу мал дел од глобалниот пазар, но има доволно пари во нив. На пример, можат да се направат доста пари во no-code automation пазарот. Луѓе прават пари и од форматирање и внесување формули во ексел табели, други од креирање имиња за компании (кога не можете да се решите како да ви се вика компанијата). Има премногу широк спектар на работни ангажмани. Што и да знаете да правите, може да се продаде ако некој има таков проблем и е спремен да плати за тоа“, додава фриленсерот.
Од Здружението на фриленсери и претприемачи во Србија објаснуваат дека со фриленс работа се занимаваат најчесто младите луѓе, а за некои работни задачи доволно е само да имаат лаптоп со себе и интернет врска. Велат дека за оние кои живеат во малите места и не можат да најдат работа, ова е шанса да заработуваат.
„Фриленсерството исто така е опција за оние кои имаат знаење и компетенции во некоја област, а не нашле работа во својата средина или сакаат дополнителна заработка. Од таа страна, постои можност со фриленс да се занимаат во сиромашните средини, каде е тешко да се најде регуларно вработување и каде заработката е ниска. Но, флексибилноста и тоа што не се врзани за работното време е нешто кон што тежнеат и во развиените земји и таму има доста фриленсери. Другата страна на медалот е тоа што фриленсерството во сите земји не е регулирано и оние кои заработуваат на тој начин не ги остваруваат сите работнички права како редовно вработените“, велат од Здружението на фриленсери и претприемачи во Србија.
Како недостаток го наведуваат немањето на правна заштита. Додаваат дека откако Србија препозна дека според некои проценки има 100.000 фриленсери, од 1 јануари ќе стапи на сила законско решение кое сега е во процедура во Собранието и со кое ќе се признае и регулира формално правно статусот на фриленсерите. Велат дека овој закон е револуционерен чекор затоа што фриленсерите ќе имаат право на здравствено осигурување, придонеси со кои во иднина ќе добијат пензија, а воедно ќе можат да ги запишат децата во градина со истите услови како и другите вработени. Наведуваат дека со овој закон српските фриленсери ќе имаат помалку ограничувања, а повеќе права за разлика од другите земји.
Жителите на Молдавија велат дека за разлика од порано кога Молдавците немале многу избор, денес за младите е полесно по пат на фриленсерство да заработат повеќе пари. На ова се фоксуирани младите генерации.
Има проценки кои укажуваат дека во Македонија има околу 10.000 фриленсери. Пред неколку години беше објавена статистика дека на секои 1.000 жители во Македонија има 3,41 фриленсер. Во оваа статистика Македонија заостануваше единствено зад соседна Србија која имаше 3,52 фриленсери на 1.000 жители. Тогаш на трето место беше Јамајка со 2,43 фриленсери на 1.000 жители.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/gpointstudio