Денес средношколски протест и блокада на улицата пред МОН
Објавено во: Македонија 06 Мај, 2015
Продолжува бојкотот на средношколците, кои иако потпишаа изјави и пријавија матура, сепак продолжуваат со протестите.
Имено, тие со поддршка од родителите од денес па до петок секој ден во 17 часот ќе протестираат пред МОН и ќе блокираат целата улица.
Во 20 часот пак е закажан настан исто така пред МОН , на кој ќе присуствува и "забавува" македонскиот алтернативен фанк-рок бенд Фанк Шуи.
“Ние сакаме квалитетно образование и тоа е нашиот основен мотив зошто веќе еден месец ја бојкотираме формалната настава. Ние знаеме дека ова време не е залудно потрошено и изгубено бидејќи има јасна порака зошто го правиме овој чекор. На генерален пленм одлучивме да ги потпишеме пријавите за полагање на државна матура за да бидеме ставени во системот за полагање и да се фатат роковите, но не се враќаме на настава. Побаравме уште една средба со надлежните на која би се вклучиле сите засегнати страни. Веруваме дека работите може да се подобрат. Во спротивно повторно ќе излеземе на улица”-велат средношколците од Пленумот.
Оттаму се пожалија на силни притисоци врз нив и нивните родители од кои биле барани лични документи, матични и броеви од телефон. Ова според учениците покажува дека некој навистина сериозно се плаши од гневот и незадоволството на учениците кој секојдневно расте.
“Вчера во училиште дојдоа неколку инспектори кои наместо да се фокусираат на тоа дали се исполнети условите за работа во училиштата, спроведувањето на реформите и нивно ревидирање, ние секојдневно се соочуваме со притисоци. Па така директорите бараа средба со претседателите на класовите во обид уште еднаш да ги преубедат за прекин на бојкотот. Ни бараа телефонски броеви од нашите родители за кои најавија казни од 2000 евра”-објаснува средношколец од гимназијата Раде Јовчевски –Корчагин.
Досегашните средби со првите луѓе во Министерството за образование и наука според нив не добија никаков епилог поради фактот што почнале и завршиле без дијалог и компромисни решенија туку само со посочување на проблемите и последиците со кои може да се соочат средношколците кои ја бојкотираат наставата.
“Од средбите немаше никаков заклучок, ниту компромис како што изјавија надлежните, бидејќи враќањето на стариот модел на државна матура само за матурантите од оваа година не значи никакво решение за другите генерации. Ние за волја на вистината не се ни ракувавме, едноставно како да сакаа побрзо да заврши средбата”-вели еден од матурантите од преговарачкиот тим на Средношколскиот пленум.
Подршка во како што велат учениците, борбата за подобро образование добиле и од нивните родители кои велат безрезервно ги подржуваат во намерата да истраат до крај.
“Неможе да сме рамнодушни кога децата ни се на улица. Но неможеме ниту да молчиме пред проблемите. Можеби требаше единствено порано и ние да реагираме и да не дозволиме да дојде до овие радикални чекори. Ако борбата на нашите деца значи да се излезе повторно на протест ќе го сториме тоа без размислување” -вели мајка на средношколец од гимназијата “Раде Јовчески-Корчагин”.
Надлежните од друга страна, апелираат учениците да се вратат во училиштата бидејќи веќе нема да има преговори. Според нив најважно е деновиве средношколците да се пријават за полагање на матурскиот испит кој ќе се полага од 11-ти до 19 ти јуни.