Димитриев ќе бара ребаланс на буџетот за обештетувањето, поплавените не информирани за авансот
Објавено во: Македонија 20 Август, 2016
Премиерот Емил Димитриев вчера соопшти дека Владата ќе му предложи на Собранието на Република Македонија ребаланс на Буџетот со кој ќе се обезбедат две милијарди денари кои што се потребни за обештетување на поплавените семејства.
Надлежните пак информираа дека на секое семејство што беше поплавено во невремето на 6 август ќе му бидат авансно исплатени по околу 30 илјади денари.
Досега од посетените околу три ипол до четири илјади семејства, обработени се податоците за околу 1.950 семејства.
Настраданите семејства пак, велат дека се неинформирани околу авансната помош.
Не треба ни да не чуди, кога нив нема од каде да стигнат овие информации. Ретко кој жител од поплавените подрачја во Стајковци слушнал за начинот на авансно обештетување. Тие велат дека информацијата ја слушнале од новинарските екипи кои ги посетуваат.
Погодените подрачја се уште не можат да се оправат од невремето. Тие укажуваат и на фактот дека не очекуваат надоместот за штетите да биде приближно еднаков на избгубеното.
Тие за една ноќ изгубија речиси се. Целата покуќнина, апарати за домаќинство, инвентар .. се целосно уништени. Треба да почнат се одново, а поплавите го уништија и она од кое заработуваа.