Директорите имаат мака, синдикатот уште поголема: како сопре штрајкот во Железница?
Објавено во: Македонија 30 Јануари, 2013
Машиновозачите го прекинаа штрајкот доцна синоќа, по што взовите почнаа да сообраќаат. Железничкиот сообраќај беше во прекин околу 30 часа, бидејќи дел од вработените во МЖ Транспорт штрајкуваа. Тие бараа исплата на заостанатиот дел од декемврсиската плата, како и редовно добивање на здравствени картони. По неколкуте неуспешни средби на синдикалците со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, сепак вчера им било дадено ветување дека доколку МЖ Транспорт не успее сама, во тој случај Владата ќе ја исплати половината од заостанатата плата за месец декември.
По два дена тензии во железницата, возовите почнаа да сообраќаат. Сепак извори за Фактор, велат дека несогласувањата и поделеноста на штрајкувачите што се јавиле вчера биле пресудни штрајкот да запре и сообраќајот да продложи. Дел од машиновачите цврсто стоеле на ставот дека уште утре треба да им се исплати заостаната половина од платата, дел пак сметале дека штрајкот треба да запре. Сепак на крајот од денот, дел од машиновозачите решиле да прекинат со блокадата и да почнаат да ги возат возовите, по што, штрајкот морало во целост да биде прекинат, дознава Фактор.
Во железницата според информациите на Фактор, вчера дошла и Трудовата инспекција, но, нема официјална информација што е утврдено и дали штрајкот е легитимен или не. Менаџментот на компанијата уште на самиот страт на штрајкот тврдеше дека станува збор за нелегитмен штрајк, особено и затоа што нема формирано штрајкувачки одобор а не се исполнети ниту другите услови. Се уште не се знае дали некој ќе сноси одговорност или ќе биде казнет, како што тоа неодамна се случи кога штрајкуваа вработените во МЖ Инфраструктура. Или пак ќе се утврди дека штрајкот бил легитимен.
Имаше ли политички мотиви во штрајкот
Но, овој штрајк наметна и серија прашања за вистинските мотиви поради кои железничкиот сообраќај беше целосно блокиран. Дел од синдикалците и вработените кои не го поддржаа штрајкот изјавија дека нема да се приклучат и да дадат поддршка на своите колеги бидејќи се сомневаат оти во сето ова има политички мотиви. „Зачудува фактот што нашите колеги, машиновозачи имаат толку цврст став за штрајк во ситуација кога станува збор за половина плата која ни ја должи компанијата, а веќе месецов зедовме 1,5 плата. Имало порано други ситуации кога било полошо па не се решиле на ваков чекор, нашите колеги. Но, сега зедовме една и пол плата и со тоа како заостанат долг на компанијата останува уште само една половина од декемвриската плата, велат вработени од железницата за Фактор.
Дополнително тие се зачудени и од барањето на синдикатот за смена на директорот Оливер Дерковски, а шпекулациите беа во насока дека постои лично нетрпение меѓу дел од машиновозачите и директорот Дерковски, кое во еден дел било предизвикано бидејќи дел од нив пред извесно време заработиле парични казни поради некаква штета настаната во железницата. Сега откако штрајкот е прекинат, нејасно е дали машиновачите ќе се откажат од барањето за смена на директорот Оливер Дерковски или и натаму ќе инсистираат на тоа? На многу прашања одговори ќе треба да дадат и синдикалците, но, и менаџментот.
Останува нејасно дали некој ќе превземе одговорност за се почестото стопирање на возовите, поради неисплатени плати од што трпат и патниците, но, и компаниите чија стока се превезува со железницата? Познавачите коментираат дека е јасно оти одговорност мора да се лоцира и кај менаџментот на компанијата, бидејќи дозволува работниците да останат без плати и придонеси, но, ќе треба да се види и дали штрајкот бил легитимен, за да не се случуваат злоупотреби. Институциите ќе треба да расчистат многу дилеми што ги отвори овој штрајк.