ДИСКРИМИНАЦИЈА: Жена добила отказ поради ин витро оплодување
Објавено во: Македонија 30 Декември, 2024
Жена добила отказ поради ин витро оплодување.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) го утврди првиот случај на родово заснована дискриминација во работните односи. Станува збор за работничка од приватен сектор која добила отказ поради планирана бременост преку ин витро оплодување.
Работничката, која две години работела за приватен работодавач, побарала боледување за ембриотрансфер. За време на нејзиниот годишен одмор, работодавачот ѝ изрекол отказ без отказен рок, обвинувајќи ја за недоаѓање на работа и прекршување на работниот ред.
КСЗД постапувала по претставка од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и утврдила дека:
-Законската процедура за утврдување одговорност не била почитувана.
-Решението за отказ не било правилно доставено.
Работничката била одјавена од социјално и здравствено осигурување, што ја спречило да ја заврши ин витро процедурата со финансиска помош од Фондот за здравствено осигурување.
КСЗД констатирала дека отказот е директно поврзан со планираната бременост и го оценила како форма на родово заснована дискриминација. Препорачала работодавачот да ги надомести сите трошоци кои работничката ги покрила од сопствени средства.
„Овој случај е јасен сигнал дека дискриминацијата врз работничките поради нивниот репродуктивен статус нема да се толерира“, велат од МЗМП.
МЗМП нагласува дека оваа постапка е сериозно кршење на Уставот на Северна Македонија, Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и Законот за работни односи.