Додека граѓаните мака мачат после поплавите, политичарите си прават маркетинг
Објавено во: Македонија 15 Август, 2016
И после една недела семејствата од поплавените скопски подрачја мака мачат со штетите кои им ги направи невремето од шести август, политичарите си ја тераат нивната песна.
Не престануваат да ја фрлаат топката од еден кон друг меѓусебно обвинувајќи се кој за што е виновен.
Од опозицијата денеска порачаа дека вистинското обештетување на поплавените доаѓа во декември по смената на власта.
Петре Шилегов од СДСМ и забележа на власта дека на вчерашната вонредна собраниска седница гласале против вистинска помош за настраданите граѓани.
„Заклучоците што вчера ги усвои парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не можат да ги решат бројните проблеми на граѓаните зафатени од поплавите. Ваквите заклучоци, не се ништо друго освен покритие за нефункционирањето на институциите, неспособноста и бегањето од соочување со одговорноста. Дури и во вакви моменти на Никола Груевски најважен му е политичкиот маркетинг“, потенцира Шилегов.
СДСМ смета дека место одговорност за нефункционирање на институциите, место решавање на проблемите на граѓаните, клучен приоритет на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се парите од криминалните тендери.„Парите од Панорамското тркало, од спомениците, парите за задоволување на тендерските апетити на владејачката коалиција, мора да се пренаменат за да им се помогне на граѓаните. За СДСМ е неприфатливо ваквото однесување на владејачката коалиција. Активистите и волонтерите на СДСМ, заедно со сите добронамерни граѓани без разлика на партиска или етничка припадност ќе продолжат да им помагаат на граѓаните од погодените подрачја“, рече Шилегов на прес-конференција.
Од владеачката партија пак велат дека и трагедијата на поплавените за СДСМ е гола политика
За СДСМ сѐ е гола политика и борба за власт, вклучувајќи и ваква трагедија, како поплавата во Скопје, од која е потресена целата држава, обвинуваат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како одговор на обвинувањата на опозициската партија дека владејачката коалиција гласала против помошта за настраданите на вчерашната собраниска седница.
„Република Македонија, институциите и волонтерите кои секојдневно на терен се ангажираат за помагање на погодените, максимално се вложуваат во справувањето со последиците од поплавите. Клеветите на СДСМ дека институциите не функционирале или дека војската и полицијата ги преспале првите денови од поплавата се навреда кон сите професионалци, полициски службеници или војници кои деноноќно работат во кризниот регионот“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. Тврдат дека надминувањето на последиците од катастрофалното невреме и помошта на погоденото население ќе остане прв приоритет на ВМРО-ДПМНЕ. „Деструкцијата на СДСМ нема да нѐ поколеба секојдневно да бидеме со најпогодените, да им помагаме, да ги слушаме нивните проблеми и да бараме решенија за нивно надминување“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
И додека тие ја префрлаат одговорноста, граѓаните од поплавените полека се враќаат во нормализација по шокот кој ги удри минатата сабота.
Се работи и чисти со силна пареа, а волонтерите граѓани се најзабележани на терен.
Хуманитарци и доброволци секојдневно собираат помош за настраданите и разуранти домови за Стајковци, Сингелиќ, Црешово, а помош пристигнува и од соседите.