„Езерото“ од поплавите во Илинден се повлече, но што остави зад себе?!
Објавено во: Македонија 20 Август, 2016
Се повлече водата, но што остави по неа, што остана од печалбата, маката, надежтта - со ова прашање секое утро се буди и секоја вечер легнува семејството Трпковски од општина Илинден која беше зафатена од катастрофалното невреме. Каналот поплави дваесетина куќи кои беа директно изложени на ударот од поплавата. И по две недели велат жителите сеуште неможат целосно да ги исчистат своите домови. Тимови на надлежните иснтитуции направиле проценка на штетите, но граѓаните се скептични дали помошта ќе стигне да ја покрие загубата. Сами ги санираат штетите. Бараат помош веднаш бидејќи стравуваат дека поради остатоците од калта и фекалиите во нивните дворовови, демне опасност од зарази.
“Куќата, дворот се ми беше поплавено. Водата полека се повлече но зад себе остави кал, остатоци од фекалии. И по две недели мака мачиме да ја исчистиме. Од општината ни рекоа дека ќе ни донесат лопати, цел алат што го имавме се испокрши. Со денови сами чистиме, а рачно тешко оди. Во мојата куќа нема пристап за механизација и морам рачно да чистам”- раскажува Круме Трпковски од Илинден.
Комисијата за проценка на штети деновиве поминала и направила записник. Но сеуште нема одговор дали и кога ќе добијат финансиска помош. Хуманитарна помош како што вели досега не стигнала до нив. Разочаран е што и покрај големите штети кои ги предизвика невремето, жителите на Илинден останале заборавени.
“Немаме добиено хуманитарна помош. Куќата, дворот со денови пливаа во вода. Ја црпевме со кофи, со потопни пумпи. Реата која се шири од влагата е неподнослива. Мора темелно да се дефинцира. А и за да се исуши целосно треба време. Ни требаат средства за дезинфекција. Секој предмет што ќе го фатиш мора да се исчисти. Стравуваме од инфекции. Каде и да се свртиш е иста глетката. Се прашувам дали некогаш ќе се вратиме во нормала”- додава Трпковски.
Трагедијата според жителите на Илинден можела да биде спречена доколку навреме бил исчистен каналот. Но поради несовесниот однос на некои од соседите кои не дозволувале багерот да помине низ нивниот имот за да обезбеди пристап за расчистување, куќите кои биле во близина на каналот биле први на удар на надојдената вода.
“Таква вода не паметиме. Вистинско езеро. Не се познаваше ниту дворот ниту влезот на куќата. Можеше да се спречи или со навремена интервенција на надлежните или со разумна реакција на терен, но очигледно надвладеа лошотилакот кај народот, па сега дупло ќе се мачиме. Се што сме граделе со години да гледаме како заминува во неповрат”- раскажува жителка на Илинден.
Мештаните кои се соочија со последиците поради неисчистениот канал затрупан со шут и смет реагираат дека секој пороен дожд е потенцијална опасност од нова поплава. Од општината Илинден се запознаени со состојбата на терен. Нивните екипи работат на терен, а општинските власти најавија дека ќе поднесат пријава против несовесниот жител на Илинден кој дозволил излевање на каналот од кој беа поплавени дваесетина куќи.
Во меѓувреме Министерството за финансии ги повика лицата што биле евидентирани од страна на Комисијата за проценка на штети да дадат известување во која деловна банка сакаат да им се исплати паричниот надоместок од 500 евра за да се изврши авансната исплата на паричната помош во подрачјата зафатени со поплавите.