ФАКТОР Интервју: Дознајте од прва рака како е да се биде стјуардеса во „Катар Ервејс“!
Објавено во: Мои пари 16 Март, 2015 13:31
Професијата на стјуардеса е сон на многу девојки, и во последно време се поизразена меѓу младите, а за некои кои веќе го испробале, ова претставува едно убаво искуство .
Стјуардесата, освен оние основните квалификации како познавање на англиски јазик и завршено (минимум) средно училиште, мора да биде и стрплива, толерантна, во секој момент подготвена да помогне и одговори, способна да остане прибрана и во кризни ситуации. И, ако девојката (или момчето!) заинтересирана за оваа професија го исполнува се она наведено, еве што и е потребно и како, конечно да стане стјуардеса.
Одлучивме од прва рака да ви откриеме неколку работи за оваа професија. Сите тајни на животот и работата далеку во Катар, ни ги открива Ирена Златкова од Делчево.
разговараше Ирена Ристовска
ФАКТОР: Откаде ви дојде идејата да се пријавите за работа на стјуардеса и што ве поттикна на овој чекор? Дали некоја скриена желба од детството?
Ирена Златкова - Се викам Ирена Златкова. Родена во град Делчево, со постојано живеалиште с. Звегор, Делчево. Пред четири години завршив факултет по англиска филологија, во Универзитетот “Неофит Рилски” во град Благоевград, Бугарија, каде после една година започнав со магистерски студии по новинарство. Размислувајќи за работно место во мојата родна држава, дојдов до заклучок дека не сакам да останам овде, и дека треба да ја барам својата иднина на друго место. Желбата за патување и можеби судбината ми отворија нов пат на кој никогаш не се надевав.
Отсекогаш сум сакала да патувам низ целиот свет, но никогаш не сум помислувала на оваа професија за стјуардеса. Тоа отсекогаш сум го сметала за многу престижна работа, која била целосно недостапна за мене. За оваа работна позиција дознав сосема случајно од еден бугарски сајт. Само што го имав завршено факултетот и Македонија не беше местото каде сакав да градам иднина. За жал, колку и да ја сакав нашата земја, не можеше да ми го даде тоа по што трагав. Ниедна работа немаше да ми го „даде светот“. Се пријавив за тридневното интервју кое беше одржано во Софија. Во рок од еден месец, бев одберена за работната позиција во Катар.
ФАКТОР: Кои се условите за да може да се пријавите, и кои особини треба да ги имате за да бидете дел од „Cabin Crew“?
Ирена Златкова: Со самото име на авиокомпанијата „Qatar Airways“, кажува дека базата на оваа компанија е во Катар, Среден Исток. Иако како арапска држава, каде се зборува првично арапски јазик, за моја среќа тоа не беше едно од барањата за кандидатите. Втор официјален јазик во Доха е англискиот, со самото тоа, владеењето на овој јазик е прв услов за кандидирање за оваа професија. Заинтересираните лица треба да имаат над 21 година, да се во одлична физичка и психичка состојба, најмалку завршено средно образование, а исто така се обраќа внимание и на височината на кандидатите, иако не би рекла дека се многу стриктни во однос на тоа. Важно е да се спомне било каква работа што сте работеле досега, според која се ценат дури и најмалите ваши квалитети.
За лични особини, би рекла дека се бараат луѓе кои се позитивно настроени и отворени кон различни религии и култури, трпеливи со луѓе и различни ситуации, а воедно остроумни. Да ги прифатат културните разлики со луѓето со кои ќе работат, а воедно и живеат. Комуникативност, желба и упорност да се научи.
ФАКТОР: Дали ви беше тешко да ја совладате обуката за стјуардеса и да се прилагодите на новата средина?
Ирена Златкова: Обуката беше нешто сосем непознато за мене. Имав голема желба да научам, но би сакала да имав некој кој ќе ми кажеше подетално пред време што ме очекува. Периодот на целото обучување е два и пол месеци. Се состои од писмен и практичен дел. Се учат сите операции во случај на евакуација, како на копно така и во вода. Противпожарна обука и осново знаење за прва помош. Неколко недели се посветуваат во запознавање и учење на продуктите и самиот процес на служење на храна во авионот. Колку и да звучи чудно не е само онаа реченица “chicken or beef?” која е типичен опис за работата на една стјуардеса.
Искрено, за Катар знаев само дека Доха е главен град и дека е муслиманска држава. Ако се подзамислам подобро, ми требаше и време да го лоцирам Катар на светската карта. Да, ми требаше време да се прилагодам најпрво на жештините. Во ниту едно дотогаш посетено место немав почуствувано како е асфалтот да се топи, и дека речиси е невозможно да се пешачи надвор, кога температурите ќе достигнат и до 50°C во периодот од месец мај до средината на септември. Иако температурите достигаат екстремна височина, сепак ова е муслиманска држава, каде треба стриктно да се внимава на начинот на облекување, кое го оневозможува и единствениот начин за спас од топлината. Според муслиманската култура овде рамењата треба секогаш да бидат покриени, како и делот од телото над колената. Тоа барем важи за туристите, а локалните луѓе имаат своја традиционална облека, за жени таканаречена „абаја“, додека за мажите „диш-даш“ која целосно го покрива телото. Храната е исто така многу поразлична, но има многу националности кои живеат овде и може да се најде најразлична кујна, од арапска до индијска, турска... доволно е само да имате здрав стомак. За време на најголемиот муслимански празник Рамазан, овде не смее да се пие, јаде или пуши на јавни места додека трае денот, што беше исто така еден голем предизвик за мене. Како христијанка, отсекогаш сум ги почитувала муслиманите во Македонија кои постат за Рамазан, но ниту еднаш не требаше да бидам делумно вклучена во тоа. Има уште многу помали обичаи и навики кои требаше да ги прифатам и научам, но би рекла дека тие се најголемите.
ФАКТОР: Набројте ни кои се предности, а кои мани на оваа професија?
Ирена Златкова: Откако почнав со оваа работа, запознав и склучив пријателства со луѓе од целиот свет, од места за кои немав ни слушнато. Научив да се справам со секаков тип на луѓе, да наоѓам брзо решение, да бидам во исто време еден вид доктор и пожарникар. За три години запознав огромен број култури, слушнав преку 50 јазика, вкусив најразлчни готварски рецепти, посетив најсиромаси и најбогати држави и острови. Стапнав на шест континенти, кое со право ми даде можност да кажам дека го имам светот на дланка. Сето тоа духовно ме исполни и би рекла ме претвори во нова личност, со богат видик кон светот.
Да се работи во авион некои луѓе би го оцениле како многу едноставна работа. Луѓето го користат воздушниот транспорт било заради бизнис цели, за одмор, меден месец... Тие секогаш ќе очекуваат да добијат подобра и поекслузивна услуга отколку во автобус или во воз. Како што споменав погоре, оваа работа не се состои само од служење на храна. Се состои од поголема одговорност. Прво и основно сигурноста на самите нас и патниците во авионот. Треба да се биде буден и винимателен на секој знак, звук, мирис доколку нешто покажува дека не е во ред со авионот, независно дали е ден или ноќ. Во почетокот треба време додека да се прилагоди телото и умот на различните временски зони. Да се научи стомакот дека повеќе не постои одредено време за доручек, ручек или вечера. Со самите летови и самото време лета, се губи трага на деновите и датите. Буквално ако немате телефон, часовник или некој да ви ја даде таа информација, може само да претпоставувате кој ден е, а понекогаш и на кое место се наоѓате. Менувајќи екстремно различна клима за многу кратко време го ослабнува понекогаш имунутетот. Работата може да биде мошне исцрпувачка во првата година.
ФАКТОР: Колку сте задоволни со условите на работа во авиокомпанијата за која работите?
Ирена Златкова: Како и на секое работно место не секогаш сме 100% задоволни од нашиот работодавец. Но, оваа компанија расте и се подобрува секојдневно, и ги согледува потребите на вработените. Засега, сметам дека ниту една работа не може да ми го понуди тоа што „Qatar Airways“ ми го има понудено и овозможено.
ФАКТОР: На колку време се потпишува договорот и кои можности „Qatar Airways“ им ги нуди на вработените?
Ирена Златкова: Договорот се потпишува на пет години. Доколку го надминете тој период, договорот автоматски се продолжува.
Команијата има овозможено место за живеење на вработените во Доха, престој во најдобрите хотели надвор од базата, во зависност од дестинацијата за лет. Транспорт, здравствено осигурување и билети со намаление за вработените и најблиските членови на истиот, не само со оваа компанија, а и со други одредени авиокомпании.
ФАКТОР: Како изгледа еден ваш работен ден?
Ирена Златкова: На секој лет работам со различни колеги. Најпрво сите се запознаваме и одржуваме краток брифинг за нашите очекувања и најважните информации за самиот лет. Пред секој лет имаме проверка за нашиот надворешен изглед, да се осигура пет ѕвездениот впечаток. Во авионот се одржуваат безбедносни проверки и проверки за исправност на опремата. Се одвиваат основните подготовки за служење на храна за патниците, и најпосле се пречекуваат патниците со насмевка и љубезност. Летот може да биде долг само 45 минути, што е и најкраткиот лет, или 16 часа најдолгиот. За сето тоа време се овозможува удобност и одговор на потребите на патниците. Кога летот ќе заврши, повторно се извршуваат безбедносни проверки во авионот. На крај може да бидеме вратени пак во Доха или сместени во хотел надвор од Катар, во зависност од дестинацијата. Тоа е време кога знаеме да уживаме во истражувањето на нови места, или да го завртиме клучот на вратата и да го закачиме она големо “ Do not disturb” .
ФАКТОР: Колку имате можност да го посетите местото во кое летате, дали воопшто имате време за шетање и колку време имате за такво нешто во однос на работата која ја извршувате?
Ирена Златкова: Секоја дестинација е со различен временски престој. Најдолгиот престој кој сме го имале бил 3 до 4 дена, па се понадолу од тоа. За тоа време треба да бидете одговорни за вашата безбедност и постапки. Секако може слободно да го истражувате местото со внимателност.
ФАКТОР: Кои се вашите планови за во иднина?
Ирена Златкова: Да го најдам идеалното место за живот и да се преселам таму.
ФАКТОР: Што би им порачала на оние кои сакаат да се занимаваат со професијата на стјуардеса, некоја насока каде да аплицираат?
Ирена Златкова: Би ги советувала сите оние кои трагаат по нешто различно и предизвикувачки, кои имаат желба да го запознаат светот, преку авионската индустрија, дека ова е вистинското место.
Може да најдат повеќе информации за денот и местото на интервју на следниот линк
http://careers.qatarairways.com/qatarairways/vacancysearch.aspx
Можеби ќе ве интересира
Angel Tree во Тинекс Зебра: Хуманитарна иницијатива што носи празнична радост
Расте еко-одговорноста кај граѓаните: Влегуваме во нова ера на управување со амбалажниот отпад. Која општина е лидер, а која најслабо стои во селектирање?
Празници полни со топлина: dm донираше повеќе од 200 пакети со основни прехранбени намирници, дистрибуирани преку хуманитарната организација ,,Свети Спас“
Што открива зелениот плик и зошто е важно да го разберете
Пивара Скопје и РФМ потпишаа договор за спонзорство – 45 години партнерство и поддршка за македонскиот ракомет
Волшебно новогодишно одбројување во Дајмонд мол до крајот на декември
Гевгелија Мол ги отвори вратите – шопинг и забава под еден покрив







