Фатен 15-годишник во Волково со автомобил полн со огнено оружје
Објавено во: Македонија 25 Јануари, 2025
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против 55-годишен татко, откако во неговиот автомобил Ауди А8 неовластено држел огнено оружје и муниција – два пиштоли, едниот со калибар 7,65мм, а другиот со калибар 9мм со по четири куршуми за секој од нив. Во автомобилот бил пронајден уште еден пиштол за кој осомничениот имал дозвола за поседување со осум куршуми и уште два сигнални пиштоли.
„Оружјето било пронајдено во автомобилот што го управувал малолетниот син на осомничениот. Детето кое месецов наполнило 15 години било запрено од полицијата додека возело во Волково во вечерните часови на 23 јануари“, објави Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот татко – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице, одземање на патната исправа, одземање на возачката дозвола, но и забрана за неговиот малолетен син, други малолетни лица или други неовластени лица да имаат пристап во просторија или во домот каде што има огнено оружје.