(ФОТО) Промоција на кампања „Излези за ГТЦ“
Објавено во: Македонија 07 Април, 2015
Вчеравечер, на платото пред Градскиот трговски центар, граѓанската иницијатива „Го Сакам ГТЦ“ организираше промотивен настан со кој официјално започна широката граѓанска кампања „Излези за ГТЦ“. Целта на оваа кампања во претстојниот период ќе биде да ги поттикне граѓаните на општина Центар да излезат на референдумот кој ќе се одржи на 26-ти Април, а на кој ќе се одлучува за изгледот на ГТЦ.
Ниту ниските температури не ги спречија жителите од оваа општина во голем број да присуствуваат на овој настан. Во својство на граѓанин присуствуваше и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, додека пак меѓу публиката можеа да се забележат и бројни македонски архитекти. Манифестацијата ја водеше познатиот новинар и филмски критичар, Влатко Галевски кој самиот бил сведок на изградбата но и на сите содржини кои изминатите децении ги нудеше ГТЦ. Сепак, и покрај тоа, Галевски истакна дека „ваквиот ГТЦ не е носталгија, туку наше секојдневие, навика, место за прошетка за средби со пријателите, но и центарска приказна која никој нема право да ја менува.“
Во името на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, говореше Сања Раѓеновиќ која порача дека за архитектурата треба да одлучуваат самите архитекти. Таа потсети дека идејното решение на Градскиот Трговски Центар е второ наградено на меѓународен конкурс и дека дури и денес, во 21-от век, е со актуелна и современа архитектура. Токму од тие причини таа ги повика граѓаните на 26-ти Април да излезат и да гласаат за задржување на автентичниот изглед на ГТЦ со што би покажале дека умеат да ценат и препознаат вистински квалитет.
На настанот се обрати и архитектката Милка Кировска која истакна дека ГТЦ не смее да се затвори со врати туку истиот треба да остане како чаршија со провев од паркот кон реката. Според неа, „ГТЦ мора да се обнови и да се подобрат неговите технички перформанси, но фасадата мора да остане автентична, онаква каква што е сега.“
Пред присутните граѓани зборуваше и активистот Никола Писарев кој низ емотивен говор нагласи дека ГТЦ не’ научи сите што е љубов кон градот во кој си роден и во кој живееш, но и ни помогна да научиме како да ја искажеме таа љубов. Токму затоа, како што истакна Писарев „сега е време да му возвратиме на ГТЦ, секој поединечно, со пенкалото во раце и кругче ЗА“.
Во музичкиот дел од овој настан настапија Ана Костовска и пијанистот Симон Киселички кои ги забавуваа повозрасните граѓани со познатите рефрени на скопските евергрини, додека пак настапите на The John, Џака Накот и Bon Praskiza & Donplaya особено ја подигнаа атмосферата кај присутните граѓани од помладата генерација.
Граѓаните на општина Центар ќе имаат можност да гласаат на референдумот кој е закажан на 26 април и да одговорат на прашањето: „Дали сте за зачувување на автентичниот изглед на фасадата на ГТЦ?“. Референдумското изјаснување ќе трае од 07:00 часот наутро па се до 19:00 попладне а право да гласа има секој жител на оваа скопска општина што е впишан во избирачкиот список.