Добивај вести на Viber
Заврши првиот Саем за Вработување, кој во организација на Агенцијата за вработување на Република Македонија, беше организиран во СЦ „Борис Трајковски“. Повеќе од 35.000 граѓани го посетија саемот, на кој се претставија голем број компании од Републиката. Невработени, вработени граѓани но со желба за промена на работно место, како и голем број млади луѓе кои на овој начин се информираа за понудата на пазарот на труд, беше дел од сликата за посетителите на саемот. На задоволство на организаторот, првиот саем од овој вид заврши со огромен број резимеа кај компаниите.
„Целта на првиот Саем за вработување беше доближување на понудата на работа и понудата на работна сила. Како организатор на настанот, Агенцијата за вработување на Република Македонија е задоволна од одзивот на граѓаните, и одзивот на компаниите, за кои беше овозможена регрутација на кадар преку директен контакт со потенцијалните вработени лица. Резултатите од овој Саем, ќе може да ги очекуваме за еден месец, кога ќе може да се направи пресек на тоа, колку лица, преку првиот Саем за вработување, успеале да пронајдат работно место”, изјави Влатко Поповски, Директор на Агенција за вработување на Република Македонија.
Саемот го отвори Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, кој нагласи дека овој начин на регрутација е одличен како за младите луѓе, така и за оние кои се подолг временски период на листата невработени граѓани. Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, ја нагласи потребата од често доближување на работната сила и работодавците, со цел создавање комуникација меѓу понудата и побарувачката на работна сила. На отворањето се обрати и Директорот на УСАИД Македонија, Џејмс Стеин, и Постојаниот координатор на УНДП Во Македонија, Луиза Винтон.
Граѓаните велат дека овој начин на регрутација е одличен, пред се поради можноста да добијат одговори на многу прашања, директно од вработените во компаниите.
„За мене како дипломиран студент е навистина важно да пронајдам работа во струката. Затоа, го поздравувам одржувањето на вакви саеми, кои се одлична можност да дознаам многу повеќе за работните позиции кои ме интересираат, како и да се претставам себеси пред вработените на истите. Го оставив резимето, па се надевам дека ќе има позитивни вести по неговото разгледување”, изјави Марија, дипломиран технички инженер.
Од Агенцијата за Вработување го најавуваат одржувањето на Саеми за вработување и низ други градови во Република Македонија, на кој граѓаните, повторно, ќе имаат можност директно да поразговараат со претставници на најголемите компании во државата.