Газдите да ги ослободат уште пет дена вработените погодени од поплавите
Објавено во: Македонија 15 Август, 2016
Уште пет дена препорака од надлежните и Министерството за труд и социјална политика до газдите да ги ослободат од работа уште пет дена вработените лица кои се најдоа на удар на невремето од минатата сабота.
Препораката ги задолжува сите органи на државна управа а се укажува односно препорачува на другите државни институции и на единиците на локална самоуправа да ги ослободат од 15.8.2016(понеделник) до 19.8.2016(петок) работниците чии домови и покуќнини беа уништени во поплавите, посебно оние кои живеат во Стајковци и Синѓелиќ.
Ослободување се препорачува и за оние кои работат во приватниот сектор.
Имено, на вчерашната вонредна собраниска седница, пратениците ги изгласаа мерките за помош на настраданите во поплавите.
Со осумте мерки кои се однесуваат на зафатените подрачја во околината на Скопје целосно ќе бидат обештетени домаќинствата од поплавените подрачја. Она што комисијата за проценка ќе го евидентира 100 процентно ќе биде надоместено.
Министерството за здравство ќе отвори посебна програма со која сите пациенти од поплавените подрачја ќе бидат ослободени од партиципација за здравствени услугии и тоа до крајот на 2016 година. Домаќинствата од кризните подрачја три месеци нема да плаќаат надомест за вода и ѓубрарина. Овие граѓани ќе добијат парична помош со која на своите деца ќе можат да им купат прибор за на училиште.
Семејствата приматели на социјална или детска заштита, социјална парична помош, постојана парична помош, кои примаат додаток за мобилност, за слепило, за глувост, помош и нега од трето лице и посебен додаток за деца со пречки во развој, ќе добијат 50% зголемување. За земјоделците ќе се обезбедат 30 тони јачмен од државните резерви за сточна храна. Тие ќе добијат и бесплатна анализа на поплавената почва за да се утврди дали може да се обработува во иднина.
Оние граѓани кои не ги легализирале своите куќи ќе добијат бесплатна изработка на геодетски елаборат за постапката за легализација.