Граѓаните на социјалните мрежи се мобилизираат за помош на поплавените
Објавено во: Македонија 08 Август, 2016
Групата „Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје“ е формирана на Фејсбук и таму може да се добијат информации за потребата од волонтери, донации, информации за нови собирни места за помош и други важни податоци поврзани со поплавите.
Оние кои ја направиле оваа Фејсбук група апелираат сите граѓани, кои се активни на оваа социјална мрежа и сакаат да помогнат, да се зачленат во групата.
„Администраторите и модераторите на групата се организирани со континуирани дежурства и за логистика, давање помош, обезбедување контакти за итно интервенирање и повикување надлежни институции, теренски активизам итн. Се работи во смени, поради потребата и од теренска активност во којашто активно учествуваат и администраторите и модераторите на групата. Во групата има достапен упатен администратор или модератор, 24 часа“ - се наведува во соопштението.
Завчера 21 лице почина во поплавите кои го зафатија Скопје.
Штетите на терен се санираат, а на граѓаните им е потребна помош во вода за пиење, конзервирана храна, средства за хигиена и производи за бебиња.
Помош за поплавените семејства се собира во повеќе градови ширум Македонија.