Граѓаните од поплавените подрачја да ги пријават штетите – рокот истекува утре
Објавено во: Македонија 06 Септември, 2016
Рокот што го даде Владата за пријавување на настанатите штети од поплавите истекува утре.
Ова се однесува за штети на недвижниот имот, движниот имот, моторните возила, земјоделските површини и сточниот фонд од поплавите кои се случија на 6 август за оштетените од населените места Стајковци, Сингелиќ, Инџиково, Економија, Ченто, Брњарци, Страчинци, Виниче, Црешево, Булачани, Раштански пат, Смилковци, Арачиново, Илинден, Шуто Оризари и Шипковица.
Жителите од овие населени места кои уште не ги пријавиле штетите од поплавите, утре заклучно со крајот на работното време до 16.30 часот, тоа може да го направат во општините Гази Баба, Арачиново, Илинден, Шуто Оризари и Тетово, или, пак, во подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство во Гази Баба и Тетово.
Владата, на барање на оштетените еднаш го пролонгираше крајниот рок за пријавување на штетите од поплавите.
Во поплавите од 6 август освен што имаше големи материјални штети, имаше и 22 жртви.