Илинденска ослободена, кампот на СДСМ распуштен!
Објавено во: Македонија 16 Јули, 2015
Од денеска Булеварот Илинденска е слободен за сообраќај, камперите си ги спакуваа шаторите а кампот на СДСМ се распушти.
„Мисијата е исполнета, упорноста се исплати и она што го баравме го добивме“, е ставот на камперите кои упорно 60 дена спиеја пред Влада на улица во шатори.
Оваа одлука на опозицискиот лидер кој камперите пред Влада цели два месеци го поддржува во барањата за оставка на премиерот Никола Груевски, дојде откако пред два дена во Пржино, политичките лидери успеаја да најдат заеднички јазик и да прифатат заеднички договор за решавање на политичката криза.
Бурно и со овации, Зоран Заев беше пречекан синоќа во таканаречениот Камп на Слободата во присуство на голем број граѓани и активисти на опозицијата.
Тој им се заблагодари на неизмерната поддршка и поминатите мигови пред Влада, истакнувајќи дека овој камп го поставил темелот на слободата.
„Овој камп еве денеска веќе опстојува 60 дена. 60 дена симбол на слободата. 60 дена го сврти вниманието на целиот свет како на гандиевски на мирен ненасилен начин се чекори кон успехот за толку посакуваната драгоцена слобода. Слобода за нашата земја.
Овде се најупорните луѓе, луѓе кои оставија семејства, беа овде цели 60 дена, се со конечна цел, да покажат какви сме, дека си ја сакаме Македонија. Но, пред се знаеме да се избориме за Македонија по пат на мирољубиви средства, по пат на трпение, по пат на внимателност, по пат на гандиевски методи коишто светот ги познава во борбата за слобода. Овие граѓани овде што се присутни ја испратија пораката до целата меѓународна демократска јавност дека може да падне диктатор, автократ, може чекор по чекор да паѓа и да замине без притоа да падне капка крв за неговото заминување. Овој камп беше часовникот кој отчукуваше до оставката на Груевски“, изјави Заев пред граѓаните синоќа.
После епилогот од преговорите на политичките лидери и решението кое го прифатија , најверојатно ќе се распушти и Кампот пред собрание на „чуварите на демократијата“ на лкеновите и активисти на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
На оваа вест најмногу се израдуваа возачите кои ќе имаат олеснителен процес при движење по булеварот Илинденска.