Јанева е подготвена извештајот за работата на СЈО да го презентира во Собранието
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева денеска информираше дека е подготвена вториот извештај за работата на СЈО да го образложи и во Собранието.
Објавено во: Македонија 15 Септември, 2016
СЈО денеска го објави вториот извештај за неговата работа во периодот од 15 март до 15 септември годинава.
„Во оваа насока, а со цел интензивирање на воспоставената соработка меѓу Собранието на Република Македонија и ова Јавно обвинителство, ја изразувам својата подготвеност во периодот од 19 до 30 септември 2016 година, да го презентирам вториот извештај за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за период од шест месеци, пред надлежните работни тела на Собранието на Република Македонија“ - стои во соопштението на Јанева.
Според Законот, Јанева на секои шест месеци е должна да доставува извештај за работата на СЈО, но не е должна тој да го образложува во Собранието.
Првиот извештај таа не го презентираше пред пратениците, за што имаше негодувања посебно од партијата на власт ВМРО-ДПМНЕ.
Првиот извештај на СЈО до Собранието и Советот на јавни обвинители беше поднесен на 15 март, но Јанева не го образложи извештајот пред пратениците и пред Советот, при што седниците беа одложувани неколку пати.