Јули ќе се запише како најтопол месец во последниве 100 години
Објавено во: Македонија 25 Јули, 2015
Годинешниов јули, иако нема да успее да донесе рекордно високи температури, сепак ќе успее да се „запише“ на листата најтопли од кога систематски се мери температурата кај нас. Но, да бидеме фер и искрени, во нашава земја, немаме ниту 100 години традиција на вакви мерења, ако ги изземеме Скопје и Битола.
Нема сомнение дека по сумирањето на крајот од месецот, овој јули ќе биде запишан како натпросечно топол. Само во Скопје до денеска, 25 јули, имаме 23 тропски денови (денови со максимална температура над 30°С), со што веќе е надминат просекот од 19 тропски дена во јули, пишуваат од метеопро.
Посследната недела од јули ќе донесе неколку дена со жешко време, без врнежи. Во вторник можеме слободно да очекуваме температура до 42°С во демиркапискиот регион. Останатите места долж повардарие ќе имаат максимална околу 40°С. Пелагониската котлина би очекувала максимална околу 37°С, додека Охрид и Преспа околу 35°С.
Сепак среда, во поглед на средна максимална темература низ земјава, ќе биде потопла. Со тоа, веројатно, среда ќе биде и најтоплиот ден годинава.
На почетокот на август жештината малку ќе попушти, но температурите остануваат над 33°С во најголем дел од низините низ земјава.