КОВАЧЕВСКИ СЕ ПРАВДА?! Одговорот се однесуваше на темата, не е против новинар или медиум
Објавено во: Македонија 14 Октомври, 2023
Одговорот воопшто не беше наменет кон новинарот или кон телевизијата, или спрема кој било медиум, бидејќи моите одговори се кон прашањето. Сметам дека министерот Битиќи добро постапи и го поддржувам во тоа што го направи, изјави премиерот Димитар Ковачевски и претседател на СДСМ кој присуствуваше на сенародниот собир кај манастирот „Свети Димитрија“ кај прилепско Селце.
Тој одговори на новинарско прашање за ситуацијата при вчерашната прес-конференција во Скопје кога вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ги напушти изјавите откако новинар го праша премиерот „Дали остануваат на ставот дека нема да има заедно парламентарни и претседателски избори и дали се подготвени како влада, ако не успеат изборите целата држава да биде во рацете на политичката партија ДУИ“. Беше прашан и дали ќе се извини.
- Во однос на вчерашниот ден имаше прес-конференција на која беше одговарано на прашања. Одговорот не беше насочен лично ниту спрема новинарот ниту спрема кој било медиум, туку беше насочен кон темата која беше поставена. Тука се повикав на она што беше кажано во мојот говор на 11 октомври во Куманово при што кажав дека во нашата држава имаме изградено мултиетничко општество, едно општество за сите, имаме изградено соживот кој овозможува на секој поединец, без разлика на неговата етничка, национална, верска или која било припадност да може да го планира, да го развива својот личен, професионален капацитет и својата кариера. Сметам дека тоа е голема придобивка. Фатмир Битиќи е Албанец, но во исто време е и вице-премиер на Владата, предложен од СДСМ. Тој е мој вице-премиер. Не е вице-премиер зашто е Албанец, туку зашто неговото „си-ви“ е едно од подобрите од областа на економијата во мојата и во неколку генерации економисти. Работел на меѓународни проекти, поминал врвни обуки и сметам дека поставувањето прашања дека кој било припадник на која било етничка заедница дали може да извршува одредена функција, е некоректно - изјави Ковачевски.
Премиерот нагласи дека државава во поглед на слободата на медиумите е на 38 место, наспроти на 120-тото во поранешниот период во 11-годишен комплетно недемократски режим. Тој со директно посочување на, како што рече, ширење тензии на национална основа од двете опозициони партии ВМРО-ДПМНЕ и Левица, постави и директно прашање до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
- Во нашата држава постојат две политички партии кои во моментов се во опозиција, тука мислам на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица, на кои единствена агенда во моментов им е ширење тензии на национална основа и го прават секојдневно, што во значително непријатна ситуација ги става и медиумите. Тоа не води никако напред. А истите тие политички партии кои зборуваат против политичките партии со етнички предзнак, тие 11 години беа на власт со тие партии. Истите тие партии кои сега се прават лавови, 11 години беа како мачиња во коалиција со ДУИ. И прашувам: дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и членови на неговото високо раководство колку пати во последниве шест месеци барале и оствариле средби со лидерот и високи функционери на ДУИ и за што разговарале на тие состаноци, доколку ги имале? - изјави Ковачевски.
Тој испрати порака за значењето на 11 октомври, Денот на народното востание, нагласувајќи дека сите министерства во моментот работат да ја поминеме тешката зима која ни претстои во поглед на енергенсите и контролирањето на цените на производите.
- Темелете удрени на 11 октомври кога почнало народното востание, темелите поставени и на 2 август 1903 година во Крушево, и на 2 август на заседанието на АСНОМ 1944 година, како и на 8 септември 19911 година, претставуваат и аманет за нашата генерација политичари, а и на граѓаните, да го оствариме вековниот сон на сите борци за независна Македонија, а тоа е да изградиме држава членка на ЕУ, членка на НАТо, што го направивме, држава во која ќе имаме економски просперитет, врвна социјална правда, држава со врвно владеење на демократијата и правото. Не очекува повторно тешка и кризна зима на што сите министерства во Владата работат за да обезбедиме сѐ што е потребно: од енергенси и воспоставување на ред во цените во државава, рече премиерот Димитар Ковачевски и претседател на СДСМ на денешниот Собир во манастирот „Свети Димитрија“ кај прилепското село Селце.
Во текот на денешниот ден реагираа новинарските здруженија, но и АВУМ.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осудува, како што наведува во соопштение, некоректниот однос на премиерот Ковачевски и на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кон новинарот Матеја Петровски од ТВ Алфа.
- Медиумите се еден од клучните столбови на демократијата и имаат важна улога во креирањето на критичкото мислење и известувањето за прашања што се од јавен интерес. Оттаму, не смее да постои начин на комуникација кој е несоодветен и навредлив кон новинарите, а со тоа и кон целата јавност на која треба да ѝ бидат пренесени информациите - наведува АВМУ.
Реагираше и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) кои остро го осудуваат односот на премиерот Димитар Ковачевски и на вицепремиерот за економски прашања во македонската влада, Фатмир Битиќи кон колегата од Алфа ТВ, Матеја Петровски.
Едно навидум едноставно прашање, кое треба да добие едноставен одговор, од страна на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, беше искористено од вицепремиерот Битиќи за некоректно однесување кон репортер коj одговорил на владината покана за следење на настан.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.