ОД СЕЛО ВО ГРАД: Има работници кои пеш или со велосипед одат на работа
Објавено во: Македонија 27 Ноември, 2024
Во земјава имаме села кои се на само 3-4 километри од градовите и каде е изводливо луѓето да стигнат на работа пеш или со велосипед. Дел од населението практикува да оди на работа пешачејќи или возејќи велосипед, посебно во период од годината кога времето е пријатно. Ова им овозможува и да заштедат пари во семејниот буџет.
„Од селото Железница може да се стигне пеш до Кратово, затоа што се наоѓа на само 2.5 до 3 км од градот. Може и со велосипед да се дојде на работа во градот. Евентуално некој и од селото Шлегово може пеш да дојде во Кратово на работа, не е толку далеку“, вели кратовчанка.
Близината до градовите е голема предност за луѓето кои живеат на село.
„Имам забележано еден човек со велосипед од селото Шлегово доаѓаше во градот. Тоа е дистанца од неколку километри и ако не се снајдат со друг превоз, можат и пешки да стигнат до градот. Зависи каде живеат во селото, на пример од селото Железница за 20 до 25 минути ќе стигнат во градот. И зависи кој период од годината е, во зима, на ладното е тешко. Инаку, тоа е регионален пат, навечер може да биде опасно за движење“, објаснува Лиде Стојановска, жител на Кратово.
Жителите на охридското село Велгошти имаат избор како да стигнат на работа, но поради близината до градот, изводливо е да отидат пеш или со велосипед.
„Aвтобускиот превоз си функционира во селото. Можам да кажам дека сè функционира кај нас. Луѓето можат на работа да отидат и пеш и со велосипед или со автомобил, кој како сака. За 20 минути може пеш да се отиде до градот. Има различни луѓе со различни навики и зависи кој каде работи“, вели жител на Велгошти.
Слична е состојбата и во струмичкото село Дабиле, кое е доста развиено и блиску до градот.
„Веќе градот и селото ќе се спојат. Со велосипед ретко некој да оди, а може. Меѓу градот и селото има индустриска зона. Има неколку луѓе што работат близу, на 200 метри од дома им е работата. Додека немаше индустриска зона, некои постари луѓе одеа пеш, не само за работа, туку и за на пазар. Си има патеки до зелениот пазар“, вели Бончо Божиков, претседател на месната заедница во селото Дабиле.
Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција од Кичево објаснува дека од селата кои се поблиску до градот Кичево може да се стигне пеш или со велосипед на работа или на училиште и локалното население тоа го практикува.
„Имено, селата Србјани и Другово речиси се споени со градот Кичево, па истите се и доста населени, а една од причините е токму тоа, нивната близина до градот. Од овие две села децата одат пеш на училиште, возрасните исто така пеш или на велосипед на работа. Во близина на селото Србјани има и индустриска зона и отворена е фабрика, па на жителите од ова село им е поблиску да стигнат на работа отколку на некој којшто живее во центарот на градот. Со ова уште еднаш се докажува дека доколку во селата се обезбедени сите предуслови за квалитетен живот кој што им овозможува на жителите на дофат на рака да ги имаат сите услуги и лесно да ги задоволуваат секојдневните потреби, селата многу лесно може да заживеат, производството на храна да се зголеми и да се создаде еден одржлив развој на руралните средини кај нас“, додава Јоноски.
Одењето на работа во велосипед во некои држави во светот е честа појава, но во други земји работниците кои со велосипед стигнуваат на работното место се помалку од 2 отсто. Во Амстердам луѓето често се возат со велосипеди до работа. Има и земји кои финансиски ги стимулираат луѓето со велосипед да одат на работа.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com/jcomp
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.