21 Декември, 2024
0.0297

КУШТРИМ РАМАДАНИ СИ ОДИ ОД ТОПЛАНАТА СЕВЕР И ПОЧНУВА СО СВОЈ ПРИВАТЕН БИЗНИС - која е причината за оставката на директорот и што ќе работи неговата нова фирма

Објавено во: Економија 03 Октомври, 2023

Добивај вести на Viber

Оставката која ја поднел ќе му ја разгледуваат денеска, и се очекува да биде и прифатена, но тој отвора своја компанија, каде што ќе се испроба во приватниот бизнис. Куштрим Рамадани дефинитивно заминува од директорската позиција во Топланата Скопје Север, која е во сопственост на Топлификација во стечај, а според информациите на Фактор, тој веќе основал нова фирма која ќе работи во делот на инжинерските и консултантските услуги.

Инаку, ова се случува на само десетина дена пред почетокот на грејната сезона, а кој ќе биде нов директор, сеуште не се знае.

Новата компанија на Куштрим Рамадани ќе се вика „Кенер“ и ќе работи како друштво со ограничена одговорност на едно лице. Оваа компанија била основана уште на 11 септември годинава, а истиот месец доставила и барање за упис во Централниот регистар, коешто ѝ било одобрено после неколку дена.

Во документите од Централниот регистер е наведено дека фирмата ќе биде друштво за консалтинг, а нејзиното целосно име ќе биде „Кенер ДООЕЛ“ експорт импорт, со седиште во Куманово. Приоритетна дејност на оваа фирма ќе биде инжинерство и со него поврзано техничко советување. Се наведува дека станува збор за микро деловен субјект, кој ќе работи со приватен домашен капитал, и со основачки влог од минимално потребните 5.000 евра.

Куштрим Рамадани ќе биде и сопственик и управител на новото друштво, се наведува во податоците од Централниот регистер.

Фактор стапи во Контакт со Рамадани, кој ни ја потврди информацијата дека веќе депонирал оставка од местото директор на Топланата Скопје Север, и дека неа во текот на денешниот ден треба да ја прифати и Надзорниот одбор на компанијата. Рамадани не негира и дека основал нова компанија, која, како што вели, ќе работи во делот на инжинерските и консултантските услуги, но и дека засега таа не стартувала со конкретни активности.

„Фирмата ќе почне со работа тогаш кога ќе има и ако има работа“, вели Рамадани за Фактор, додавајќи дека во моментов не може да се знае кога таа би стартувала.

На нашето прашање зошто си заминува од директорската позиција во Топланата Север, тој ни одговори дека не можел повеќе да ја издржи неизвесноста околу таа компанија, а имал и лични причини.

Имено, како што е познато, топланата е во сопственост на Топлификација во стечај, и два пати беше огласена на продажба преку берзански аукции, но обидите да и се најде нов газда секогаш завршуваа со неуспех.

„Не можев повеќе да ја издржам неизвесноста околу Топланата. Имаше неколку обиди за продажба, но неуспешни, така што тоа прашање цело време некако ‘виси’, во смисла - ќе се продава, не се продава. Исто така, сега пред стартот на грејната сезона, повторно ќе се појават истите проблеми во смисла има ли гас или не за парното, или друг енергенс, цена и слично, така што јас сите тие притисоци не можев да ги издржам повеќе и да чекам да се среди состојбата. Затоа решив да се тргнам оттаму и барем да бидам ‘на чисто’, да почнам нешто свое, па потоа ќе видиме“, објаснува Рамадани.

Инаку, тој не негира дека на директорската позиција во МЕПСО (на која беше пред да дојде во Топланата Север), бил на предлог на владејачката партија ДУИ, но, како што тврди, никогаш таму немал висока партиска функција, туку имал обично членство. Потоа, неговото директорување во Топланата, како што вели, немало врска со Владата и ДУИ.

„После МЕПСО бев три до четири месеци без работа, и при случаен разговор со стечајниот управник на Топлификација, тој ме повика да дојдам на директорското место во Топланата Север“, вели Рамадани.

А, како што веќе пишуваше Фактор, во понеделникот минатата недела беше организирана берзанска аукција за продажба на сите акции на Топланата Север, и за сите нив се бараше сума од 607 илјади евра. Моделот по кој се организираше продажбата беше се или ништо, а оваа аукција следуваше откако пред неколку месеци беше организирана првата аукција, на која се бараа еден милион евра за овие акции, но тогаш, никој не беше заинтересиран и не се јави за купување.

Според нашите информации од Берзата, и на минатонеделната втора аукција за Топланата, која сега беше и со намалена цена односно 607 илјади евра, не се јавил никој заинтересиран за нејзино купување.

„Немало куповни налози и поради тоа берзанската аукција се смета за неуспешна“, изјавија вчера од Берзата за Фактор.

Топлана Север јавноста ја памети дека лани, во екот на најголемата енергетска криза беше прва која пушти парно за своите корисници, но набргу потоа парното им секна на околу 500 домаќинства, па тие беа принудени да се мрзнат во студени денови, се додека државата не го реши проблемот.

Финансискиот извештај на оваа компанија говори дека таа лани била загубар, односно деловната година ја завршила со захгуба од 321 илјади евра.

Минатата година беше позната по тоа што енергенсот кој е потребен за снабдување со парно, природниот гас, имаше екстремно високи цени, а државната ЕСМ, која го презеде менаџирањето со снабдувањето со парно, секој месец го купуваше енергенсот, а за тоа се издвојуваа високи суми средства. Токму Топланата Север беше таа што прва пушти парни за своите околу 500 домаќинства корисници, а ваквото однесување тогаш предизвика револт во Владата, па оттаму го повикаа директорот прво да ги плати долговите за компанијата со која раководи, односно парите што и ги дала ЕСМ за набавка на гас.Потоа Топлана север снема природен гас и сакаше да почне да работи на мазут, но од надлежниот инспекторат тоа изрично го забранија, бидејќи тој енергенс е исклучително голем загадувач на животната средина. Државата и предложи на Топланата договор за деловно техничка соработка, што беше изгласано и на владина седница, а проблемот со гасот се надмина. Сега сепак се решава дека е најдобро акциите да се продадат преку Берзата и да се има чиста сметка за ова претпријатие, но тоа не успеа на одржаните две аукции.

Н.Н.Ф.

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ ТРЕБА ДА СЕ ЗАГРИЖАТ МАКЕДОНСКИТЕ ПЕЧАЛБАРИ - компаниите во Германија сѐ повеќе отпуштаат работници

ДАЛИ ТРЕБА ДА СЕ ЗАГРИЖАТ МАКЕДОНСКИТЕ ПЕЧАЛБАРИ - компаниите во Германија сѐ повеќе отпуштаат работници

СИТЕ ДЕТАЛИ НА ПРОГРАМАТА СТАНОВИ ЗА МЛАДИ ВО СРБИЈА: Ратата за кредит во првата година ќе биде помала од 100 евра

СИТЕ ДЕТАЛИ НА ПРОГРАМАТА СТАНОВИ ЗА МЛАДИ ВО СРБИЈА: Ратата за кредит во првата година ќе биде помала од 100 евра

Формиран Бизнис совет на Хајделберг факултет Скопје за соработка меѓу академијата и бизнис секторот

Формиран Бизнис совет на Хајделберг факултет Скопје за соработка меѓу академијата и бизнис секторот

WIZZ AIR БИ МОЖЕЛ ДА ОТВОРИ БАЗА ВО РЕГИОНОТ - еве кој аеродром е во многу напредни преговори со Унгарците

WIZZ AIR БИ МОЖЕЛ ДА ОТВОРИ БАЗА ВО РЕГИОНОТ - еве кој аеродром е во многу напредни преговори со Унгарците

ФОЛКСВАГЕН ПОСТИГНА ДОГОВОР СО СИНДИКАТОТ - божикно чудо после рекордно долги преговори, еве што е одлучено

ФОЛКСВАГЕН ПОСТИГНА ДОГОВОР СО СИНДИКАТОТ - божикно чудо после рекордно долги преговори, еве што е одлучено

СКРАТЕНА РАБОТНА НЕДЕЛA: Шпанците ќе работат по 37.5 часа

СКРАТЕНА РАБОТНА НЕДЕЛA: Шпанците ќе работат по 37.5 часа

Средба на директорите на македонската и грчката царина: Ќе работиме на нови иницијативи кои значително ќе ја забрзаат трговијата

Средба на директорите на македонската и грчката царина: Ќе работиме на нови иницијативи кои значително ќе ја забрзаат трговијата

ЗЛАТОТО ЌЕ ПОСКАПУВА: Moже ли да достигне 2.900 долари за унца?

ЗЛАТОТО ЌЕ ПОСКАПУВА: Moже ли да достигне 2.900 долари за унца?

Божиновска бара да се зголеми надоместокот од концесија за рудниците

Божиновска бара да се зголеми надоместокот од концесија за рудниците