Лазарева сабота – последното влегување на Исус во Ерусалим
Објавено во: Македонија 04 Април, 2015
На овој ден се споменува чудесното воскресение на четиридневно упокоениот Лазар, во она време извршено од БогоЧовекот Исус Христос. Како што сведочи Светото Евангелие, овој настан бил многу непосредно (или шест дена) пред предавството и убиството на Господ Исус Христос на Голгота.
Толкувачите гледаат во него предобраз и своевидна духовна подготовка на тогашните сведоци за претстојното Христово воскресение. Во секој случај, своевремено Лазаревото воскресение беше доживеано како најсилен доказ за Божественоста на Господ Исус Христос пред тогашните Јудејци и постана камен на сопнување за мнозина.
Но оттогаш мнозина поверуваа во Него како во Спасител. Некои богослови особено ја растолкуваа човечката и Божествената природа Христова кај Лазаревото воскресение, велејќи дека Господ плачеше пред гробот на Лазар заради Својата човечка љубов кон него како мил пријател, а го воскресна со Својата Божествена сила како Бог. „Зар не би рекол секој дека тие (Јудејците) лесно можеа да сфатат дека Он е рамен со Отецот, тогаш кога ги подигна очите кон небото и рече: Оче, ти благодарам, оти ме послуша. Бидејќи Он Самиот тогаш појасни: А јас знаев дека ти секогаш ме слушаш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил (Јован 11, 41-42), т.е. за да знаат тие дека oн е едно со Бога и дека доаѓа од Отецот и дека Нему во ништо не Му се спротивставува, туку твори чудеса по волјата на Отецот. Ги подигна пред сите Своите очи кон Отецот, и Му се обрати со тие зборови за да сфатат дека oн, kој зборува на земјата, Му е рамен на Највишиот Отец, Кој е на небесата. Советување претходеше како на почетокот на создавањето кое требаше да го приведе човекот во битие, така и сега – при пресоздавањето на човекот во ликот на Лазар. Тогаш, со намера да го создаде човекот, Отецот Му рече на Синот: Да создадеме човек, и Синот послуша, па таа човекот дојде во живот. Овде пак, сега, кога Синот говореше, Отецот го послуша, и така Лазар оживеа. Ја гледате ли овде истата чест и еднаквото почитување? Овие зборови иако заради народот изговорени во облик на молитва, не беа зборови на молитва туку на власт и господарење: Лазаре, излези надвор! – значи, зарем не беа едно заповедта на Живиот и молитвата на Живототворниот?“ (Од беседата изговорена на Цветници од светиот архиепископ Солунски Григориј Палама)