МИГРАНТИ: Сурова е цената за влез во подобар живот
Објавено во: Македонија 14 Јуни, 2015
Овие денови се соочуваме, покрај политичката и со мигрантска криза.
Илјадници мигранти ни излегуваат пред очи.
По патиштата секојднево ги среќаваме оние кои не со добра волја го оставиле зад себе целиот свој живот, своите фамилии и едната мајка - татковината.
Ги оставиле не оти сакаат, туку оти мораат. Не бегаат оти им било убаво, бегаат од војна, закани и во потрага по пристоен живот. Патот кој го поминале и доправа ќе го поминат е поплочен со трње. Изнемоштени, гладни, болни, повредени , стари и млади, мајки и деца, бебиња ... тргнале од Од Сирија, Пакистан, Конго ... минуват низ Македонија, а која е нивната цел - само Бог знае.
Сурова е цената која ја плаќаат да влезат во подобар живот. Зарем човечкиот живот има цена?
Еден километар во чевлите на бегалците
Во солидарност со мигрантиете граѓаните на Република Македонија кои живеат надвор од поголемите градови, во делови каде овој систем и режим ги запостави #Протестирам организира Марш на Солидарноста - Еден километар во чевлите на бегалците, против дискриминацијата и ксенофобијата.
Маршот е закажан за утре во 18 часот, збирно место аголот од Климент Охридски пред Владата а цел Прифатниот центар за мигранти во Гази Баба кадешто ќе се прочитаат правата на мигрантите.
Да изодеме од местото кадешто се исцртуваат политики што дискриминираат до местото кадешто ги гледаме последиците од неправдата кон мигрантите кои бегаат за подобар живот.
Судбината на мигрантите во прифатниот центар е симбол и за нечовечките услови и ризиците со кои се соочуваат и нашите сограѓани, затворени и присилени да мизеруваат, да се раселуваат или самите да сонуваат за мигрирање надвор од државата во потрага по безбедност и пристоен живот.
Сакаме држава којашто ќе гарантира привремена заштита за минувачите во оваа земја. Бараме еднакви услови за живот за сите во Македонија, независно на географијата и структурата на населените места, зашто ние, нејзините граѓани, не сакаме иднина во која ќе размислуваме од кого да се криеме и каде да бегаме, во потрага по подобар живот!И.Р