МНОГУ ОЏАЦИ, А МАЛКУ КАДАР: Граѓаните со денови или цел месец чекаат оџачар
Објавено во: Македонија 15 Декември, 2024
Во земјава има многу работа за оџачарите, но подмладок нема. Пред почетокот на грејната сезона, луѓето во главниот град и по еден месец чекаат да дојде оџачар за да им го исчисти оџакот. Чистите оџаци се неопходни за да не дојде до појава на пожари. Младите не сакаат да се занимаваат со оваа професија.
„Има работа, но нема работници. Никој не сака да работи. Колку можеме, се трудиме да постигнеме, но сепак се чека и по месец во ударните термини. Зборувам пред грејна сезона, септември, октомври, ноември. Луѓето многу малку внимаваат на оџаците, освен тие што створиле навика редовно да ги чистат. Ние им препорачуваме физичките лица барем еднаш да исчистат, а по закон е трипати годишно. Да имаме повеќе работници, ќе постигнеме многу повеќе да сработиме. Дневно чистиме по 10 оџаци со две екипи, а Скопје има 70.000 оџаци. Пред сезона чистиме околу 1.000 оџаци. Најмладиот оџачар е на возраст од 55 години. Нема интерес кај младите за оваа професија. Се намалува кадарот оти луѓето одат во пензија. Жално е, ама тоа е природна селекција. Како ќе биде понатаму, не знаеме“, објаснува Ѓуро Поповиќ , управител на фирмата „Оџаци“ од Скопје.
На прсти се бројат оџачарите во Скопје, а во помалите градови е дури и полошо. Во некои градови во Македонија има само по еден оџачар.
„Нè викаат тие што имаат проблеми, затоа што им се затнати оџаците. Нормално дека има разлика кога самиот домаќин чисти и кога чисти професионален оџачар, инаку нема да постои дејноста. Од секој занает може да се заработи, е сега дали човекот е задоволен од тоа е друга работа. Прво и основно, за секоја професија мора да има љубов. Главен критериум е оџачарот да нема страв од висина, здраво тело, психофизички да е здрав, алкохол да не се користи, се качуваме на покриви итн“, додава Поповиќ.
Некои оџачари се инвентивни, и со попусти се трудат да ги мотивираат граѓаните навреме да ги исчистат оџаците. Но, навиките на луѓето тешко се менуваат.
„Мислам дека сум единствен во градов со ваква дејност. Другите се на црно, секој си има свој пазар. Градот не се задоволува, има потреба од уште оџачари. Од друга страна, свеста кај луѓето за чистење на оџаците во смисла помалку проблеми во зима, хаварии, е зголемена, ама свеста за навремето чистење не е зголемена. Се чека последен момент. Потоа, сите сакаат наеднаш да завршат работа и се чека од 7 до 10 дена. После сезоната, штом таа ќе заврши, треба да се зафатат со чистење на оџаците, тоа е наша препорака“, вели Николче Ѓероски, управител на „Дими клини“ од Битола.
Не треба да се запостават и оџаците на фирмите и другите објекти. Оџачарите како и многу други занаетчии се дефицитарни. Голем дел од населението користи огревни дрва за загревање на домовите. На село повеќето жители се грејат на дрва.
Сања Атанасовска
foto freepik.com/EyeEm
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.