24 Април, 2024
0.0287

СЈО НЕ ИСКЛУЧУВА

Можен е пресврт и други обвинети во случаите Нешковски, Монструм и Сопот?

Од обвинителството на Катица Јанева пред неколку месеци соопштија дека постоеле стравувања кај потенцијалните заштитени сведоци заради блискоста и поврзаноста на поединци во институциите чии претставници се дел од Советот за заштита на сведоци

Објавено во: Македонија 16 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

„Пред целата јавност апелирам законодавниот дом да ги донесе поднесeните од моја страна измени на Законот за заштита на сведоци, за да може СЈО да навлезе во сржта на предметите како што се Мартин Нешковски, Монструм и Сопот“, оваа порака ја упати Катица Јанева на годишнината од основањето на Специјалното јавно обвинителство.

Јанева не откри други детали за овие три случаи, за кои има правосилни пресуди и осудени лица. Но, отвори многу прашања за тоа дали има сведоштва кои може да направат пресврт, да предизвикаат повторни судења и да има други обвинети.

За убиството на Мартин Нешковски на 14 години затвор осуден е полицаецот Игор Спасов. „Ако барате обвинет - тука сум, ама ако ја сакате вистината тогаш не гледајте во мене“, рече Спасов во својот завршен збор пред да биде изречена пресудата.

Во случајот „Монструм“ за убиството на момчињата Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Накевски и Филип Славковски, како и рибарот Борче Стефковски, што се случи на 12 април 2012 кај Смилковското Езеро, на доживотна казна затвор осудени се Алил Демири, браќата Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Aзири и Сами Љута.  

Во најстариот предмет „Сопот“ од 2002 година, осудени се вкупно 11жители од селото на  вкупна затворска казна од 169 години. Тие беа прогласени за виновни за подметнување бомба на автопат кај кумановското село Сопот, кога загинаа двајца војници на НАТО и еден македонски граѓанин.

СЈО уште пред неколку месеци (на 1 април) до Собранието достави Иницијатива за измени и дополнување на Законот за заштита на сведоци, но засега од законодавниот дом нема никакви знаци дека измените ќе дојдат на дневен ред.

Иницијатива за измена на законот произлегува како резултат на потребата од уредување на надлежноста на СЈО во постапката за заштита на сведоци и има за цел да ги елиминира пречките кои се јавуваат во работата на ова Јавно обвинителство.

„Во таа насокапотенциравме дека донесувањето на овој закон ќе обезбеди целосна имплементација на начелото на автономност на ова Јавно обвинителство. До поднесување на вториот Извештај не располагаме со сознанија дали иницијативата е разгледана или ставена во собраниска процедура.“, пишува во најновиот шестмесечен извештај за работата на СЈО.

Во Специјалното обвинителство постојано се нудат луѓе кои сакаат да бидат заштитени сведоци, но се плашат за својата безбедност. Во моментот СЈО не може да им понуди соодветна заштита, заради немањето ингеренции за определување на статусот на заштитен сведок во предметите кои ги води ова обвинителство.

Измените на Законот за заштитените сведоци кои тие ги бараат треба да им обезбедат и гарантираат безбедност на оние кои сакаат да соработуваат со СЈО.

Сведоците стравуваат за својата безбедност

Специјалното јавно обвинителство досега нема иницирано постапка за лице кое треба да биде вклучено во Програмата за заштита на сведоци.

Причината зошто до сега не побарале никој да биде заштитен сведоке поради тоа што досегашниот Закон предвидува во целата постапка да бидат вклучени најмалку шест луѓе надвор од Специјалното обвинителство.

Според законот потребно е предлог за заштитен сведок од СЈО да биде доставен до државниот Јавен обвинител Марко Зврлевски, кој подоцна тој предлог заедно со целосни податоци за предложениот сведок, предложените мерки за заштита, опис на кривичното дело, процена на постојаните докази и опасноста, како и очекувањата од неговиот исказ да го достави до Советот за заштита на сведоци. Претседателот на Советот доаѓа од Врховниот суд, додека останатите доаѓаат, еден од Јавното обвинителство, двајца од Министерството за внатрешни работи и директорот на Управа за извршување на санкции.

Од СЈО бараат да се направат измени на Законот со кои ќе се вметне глава посветена само на ова обвинителство, според која тие самостојно ќе одлучуваат кој сведок да го вметнат во програмата за заштита на сведоци. Ваквиот предлог е преземен од италијанскиот законски модел, каде што обвинителството кое се бори со мафијата, има посебни ингеренции за определување на статусот на заштитен сведок во предметите кои се водат против осомничените за учество или соработка со мафијата.

Од обвинителството на Катица Јанева пред неколку месеци соопштија дека постоеле стравувања кај потенцијалните заштитени сведоци заради блискоста и поврзаноста на поединци во институциите чии претставници се дел од Советот за заштита на сведоци со политичките структури, кои согласно мандатот на СЈО се опфатени во истрагата која ја води оваа институција.

Инаку според членот 26 од законот мерки за заштита на сведокот се : чување на тајност на идентитетот; обезбедување на лична заштита; промена на живеалиште, односно престојувалиште и промена на идентитет.

Правните аналитичари велат дека доколку по сегашниот систем се внесуваат сведоците во програмата голем е и ризикот за протекување на информации и влијаење врз сведоци.

Заштитените сведоци во предметите кои се очекува да ги отвори Специјалното обвинителство може да бидат клучни, затоа што тие може да потврдат дали се точни наводите во прислушуваните разговори.

Со внесување на сведок во програмата за заштита може да се промени и неговиот идентитет, живеалиште, па дури и промена на земјата во која живее, во зависност од степенот на заканата за која треба да се направи соодветна проценка.

Крпач барал статус на заштитен сведок од СЈО

СЈОна прес конференција откри дека Коста Крпач, кој официјално изврши самоубиство, барал да биде заштитен сведок на оваа институција.

Крпач, кого полицијата го пронајде починат во неговиот стан,  се најде на листата на аболирани од  претседателот Ѓорѓе Иванов и се поврзува со бомбата број 15, односно со набавката и митото за израелската опрема за прислушување.

Портпаролка на СЈО,  Ленче Ристовска информираше дека тој им укажал дека примал закани, но за тоа какви и од кого не прецизираше. Инаку, при претрес на домот на началникот на Петтата управа Горан Грујевски, кој е прво осомничен за уништување на опрема за прислушување, бил пронајден тефтер, во кој имало информации дека вработените во СЈО биле следени.

Ј.М.

Можеби ќе ве интересира

ДИК: Најголема излезност е забележана во Новаци 42,87 отсто, а најмала е излезноста во Врапчиште 10,18 отсто

ДИК: Најголема излезност е забележана во Новаци 42,87 отсто, а најмала е излезноста во Врапчиште 10,18 отсто

БАЈРАМИ: Во Бучим гласач го покажал ливчето на набљудувач пред да го пушти во кутијата

БАЈРАМИ: Во Бучим гласач го покажал ливчето на набљудувач пред да го пушти во кутијата

БОЈМАЦАЛИЕВ: Не се забележани поголеми нарушувања или инциденти

БОЈМАЦАЛИЕВ: Не се забележани поголеми нарушувања или инциденти

МВР: Регистрирани се две фотографирања на гласачко ливче во Скопје и Штип

МВР: Регистрирани се две фотографирања на гласачко ливче во Скопје и Штип

ОДЗИВ ДО 11 ЧАСОТ: Гласале 12,78 отсто или 229.417 избирачи

ОДЗИВ ДО 11 ЧАСОТ: Гласале 12,78 отсто или 229.417 избирачи

ПРЕКИН ВО ОПАЕ: Се расипал биометрискиот уред

ПРЕКИН ВО ОПАЕ: Се расипал биометрискиот уред

ИЗЛЕЗНОСТ ПО ОПШТИНИ: Како тече гласањето ширум Македонија?

ИЗЛЕЗНОСТ ПО ОПШТИНИ: Како тече гласањето ширум Македонија?

МАКЕДОНИЈА ГЛАСА: Обвинителството го следи изборниот процес за евентуални кривични дела

МАКЕДОНИЈА ГЛАСА: Обвинителството го следи изборниот процес за евентуални кривични дела

ДЕНЕСКА Е НЕРАБОТЕН ДЕН: Македонците се упатија кон Грција

ДЕНЕСКА Е НЕРАБОТЕН ДЕН: Македонците се упатија кон Грција