НА КОЕ МЕСТО Е МАКЕДОНСКИОТ ПАСОШ? Еве што треба да знаете за нашата патна исправа
Објавено во: Македонија 09 Јануари, 2025
Со македонски пасош без визи може да се патува во 129 земји, што го рангира на 40-то место според индексот на најмоќни патни исправи во светот за 2025 година, на британската консултантска компанија Хенли & Партнерс.
Индексот на Хенли & Партнерс е најчесто цитираното рангирање на пасоши и се заснова на официјални податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА). Примарниот одлучувачки фактор за одредување колку е „моќен“ пасошот е во колку земји може да се влезе со него без виза.
Северна Македонија го дели 40. место со Црна Гора и Маршалските Острови. Од регионот најдобро позиционирани се Грција на шестото и Словенија на 10 место. Хрватска е на 11-то, Бугарија е 15-та, Србија 34-та. Пасошот на Албанија е на 43 позиција, на Босна и Хрцеговина на 44, а на Косово е 63-ти.
Најмоќниот пасош во светот го има Сингапур, бидејќи овозможува патување без визи во вкупно 195 од 227 држави и територии ширум светот. Втор е јапонскиот пасош (193 земји), на третото место се Финска, Франција, Германија, Италија, Јижна Кореја и Шпанија (192), на четврто се Австрија, Данска, Ирска, Луксембург, Холандија, Норвешка и Шведска (191), на петото се Белгија, Нов Зеланд, Португалија, Швајцарија и Велика Британија (190), шести се патните исправи на Австралија и Грција (189), седми Канада, Малта и Полска (188), а осми на Чешка и Унгрија (187). Американската патна исправа е на деветото место, што го дели со Естонија, чии граѓани без виза можат да патуваат во 186 земји, а листата на топ 10 најмоќни пасоши ја заокружуваат Летонија, Литванија, Словенија и Обединетите Арапски Емирати.
На дното на листата се Ирак чии граѓани можат без визи да патуваат во 31 земја, Сирија - во 27 и Авганистан - во 26 земји.