Добивај вести на Viber
Од почетокот на идната година над 70.000 компании ќе можат да одберат свој снабдувач на електрична енергија во третата фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Станува збор за мали и средни фирми и институции кои досега електричната енергија ја плаќаа по регулирана тарифа, истакна м-р Кирил Ачкоски, директор на Операторот на пазар на електрична енергија (ОПЕЕ), составен дел од МЕПСО, на работилницата за третата фаза од процесот на либерализација што се одржа денеска во Стопанска комора на Република Македонија.
„Новите учесници на пазарот, со оваа реформа што ја спроведуваме со целосна поддршка на Владата, ќе добијат можност да ги намалат своите трошоци за електрична енергија. На македонскиот пазар има 7 снабдувачи со електрична енергија. Новите потрошувачи на либерализираниот пазар ќе можат да изберат еден од тие 7 регистрирани снабдувачи со електрична енергија. Конкуренцијата меѓу снабдувачите треба да донесе пониски цени за потрошувачите, што во значајна мерка може да им ги намали трошоците во работењето и да ги направи поконкурентни во дејностите со кои се занимаваат. МЕПСО преку Операторот на пазарот одговорен за организирање и управување со пазарот на електрична енергија е подготвен во целост да ја спроведе и третата фаза од либерализацијата“, потенцираше Ачкоски.
Според него, мора да се знае дека квалитетот на електрична енергија што ја купуваат потрошувачите не зависи од снабдувачите туку исклучително од операторите на преносната и дистрибутивната мрежа.
Според проценките на ОПЕЕ во третата фаза учеството на електрична енергија што се тргува по пазарни цени ќе порасне за 20 отсто и ќе надмине 60 отсто од целата потрошувачка на електрична енергија во земјава. Во претходната фаза од процесот на либерализација од април годинава, 238 компании беа снабдувани на либерализираниот пазар на електрична енергија.