Најавен протест „Солидарен град – одговорни институции“
Објавено во: Македонија 08 Август, 2016
Пред бараките на Град Скопје утре во 19 часот, ќе се одржи протест за поддршка на настраданите од невремето и ќе се бара одговорност од властите.
Повикот за протест е од „Плоштад слобода“ и тие велат дека по денот на жалост, доаѓа денот за одговорност.
„По втората најголема природна катастрофа по скопскиот земјотрес од 1963, бараме одговорност од: тие што предупредуваат, тие што реагираат во кризи, тие што не одржуваат соодветни системи, тие што градат неплански, тие што трошат на споменици на сметка на сето погоре. Бараме одговори, бараме оставки, бараме нови политики за одржување на системите за безбедност од природни катастрофи и пренамена на фондови во корисни, здраворазумски проекти за општо добро“ - се наведува во повикот.
Ги повикуваат сите разумни и солидарни луѓе да им се приклучат, а на протестот ќе собираат помош за настраданите од невремето.