Назначени судии за првите обвиненија на СЈО, се чека главна расправа
Објавено во: Македонија 19 Септември, 2016
Двајца судии од Основниот Кривичен суд ќе ги одлучуваат по првите две обвиненија кои СЈО ги покрена за насилството во општина Центар, како и за уништувањето на класифицирани материјали од Управата за безбедност и контраразузнавање. Судиите се одбрани преку електронскиот систем за доделување предмети, а станува збор за Лидија Петровска и Татјана Михајлова, известува Академик.
„За овие предмети не е предвидено водење на предистражна постапка, туку обвинителниот предлог или приватната тужба треба да биде комплетирана и документирана со цврсти докази кои даваат повеќе од разумно сомнение за сторено кривично дело и Судот не би требало да има тешкотии за утврдување на фактичката состојба, со долго водење на главната расправа“, велат од Кривичниот суд.
Со оглед на тоа дека роковите се кратки судиите имаат 8 дена за да одлучат дали се надлежни и дали го прифаќаат обвинението, за потоа да закажат главна расправа на која ќе бидат повикани инволвираните странки.