НЕМА ДА СЕ ЧЕКААТ ДОЗВОЛИ ОД ОПШТИНИТЕ ЗА ПОСТАВУВАЊЕ „СОЛАРКИ“ – скапата струја поттикна промена на законите
Објавено во: Економија 15 Септември, 2022
Под притисок на енергетската криза, надлежните пристапија кон менување на законите со цел да се овозможи помала зависност од увозна енергија. По најавите од надлежните, деновиве во Собрание е испратен Предлог законот за именување и дополнување на Законот за градење, кој ќе се носи по скратена постапка.
Законот предвидува дека „фотонапонски панели за производство на електрична енергија со максимален инсталиран капацитет до 1 Мегават (МW) можат да се постават на објект по добиено решение за поставување согласно членот 74 од Законот, без да се чека решение за поставување на фотонапонски системи на кров за потрошувачите-производители“.
- Целта е да се предивиди посебна постапка за поставување на фотонапонски електроцентрали на објекти, без издавање на решение за поставување, од страна на потрошувачи-производители кои произведената електрична енергија ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената енергија го предаваат во електродистрибутивна мрежа. Основните решенија се во насока на јасно прецизирање на постапката за поставување на фотонапонски електроцентрали на објекти од страна на потрошувачи производители како и на категоризацијата на градбите за производство на електрична енергија од обновливи извори – се наведува во предлог законот доставен до Собрание.
Со измените се предвидува субјектите кои согласно прописите за енергетика имаат право да изградат постројка за производство на електрична енергија од сончева енергија, при што произведената енергија ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот го предаваат во електродистрибутивна мрежа (потрошувачи-производители) да можат на кровна конструкција на објект да постават фотонапонска електроцентрала без управен акт.
- Наведените субјекти ќе можат без решение да постават фотонапонска електроцентрала само на индивидуален објект, a заедница на сопственици на посебни делови на станбена зграда и на објект во етажна сопственост. Поставувањето на фотонапонска електроцентрала на објект во етажна сопственост од страна на другите субјекти, се предвидува да се врши согласно членот 74 во постапката согласно која се издава решение за поставување, од причина што во овие објекти повеќе лица имаат право да поставуваат фотонапонски електроцентрали и потребно е од страна на надлежен орган да се утврди дали постојат технички услови за поставување на истите. Максималната инсталирана моќност на фотонапонската електроцентрала за сопствена потрошувачка која можат да ја постават горенаведените субјекти треба да соодветствува со моќноста за овој вид на фотонапонски електроцентрали која е пропишана со Правилникот за обновливи извори на енергија – се наведува во законот.
Пред поставувањето на фотонапонскa електроцентралa инвеститорот треба да достави писмено известување до локалната самоуправа на чие подрачје се наоѓа објектот на кој се предвидува да се постави електроцентралата, кон кое треба да се достави извод од централен регистар односно копија од лична карта, основен проект, имотен лист за објектот на кој ќе се постави електроцентрала. Доколку централата се поставува на објект кој не е во сопственост на инвеститорот или на објект во етажна сопственост, истиот треба да достави и доказ (договор или согласност) со кој се уредени односите со сопственикот односно сопствениците на објектот.
- Поставувањето на фотонапонските електроцентрали за сопствена потрошувачка се предвидува да се врши од страна на правно лице со лиценца А или лиценца Б за изведувач, а истите ќе се стават во употреба врз основа на нотарски заверена изјава од изведувачот, дадена под полна кривична и материјална одговорност со која потврдува дека фотонапонската електроцентрала ги исполнува законските услови и може да се стави во употреба. Примерок од изјавата од изведувачот се доставува до локална самоуправа на чие подрачје се наоѓа објектот на кој е поставена електроцентрала и до Агенцијата за енергетика – се појаснува во законското решение.
Дополнително во членот 73 од законот во кој се дефинирани градбите за чие поставување се издава решение за изградба односно поставување, се предвидува да нема ограничување на капацитетот на фотонапонските електроцентрали кои се поставуваат на објекти, а се утврдува и дека истите се ставаат во употреба и се запишуваат во јавната книга за запишување на правата на недвижности по изготвување на извештај за извршен технички преглед од надзорен инженер. Во истиот член како нов вид на градби за кои ќе се издава решение за поставување, се предвидуваат градбите наменети за перманентни геодетски опсервации (геодетски мерни станици).
- Со предлог законот ќе се овозможи поставување на фотонапонски електроцентрали на објект од страна на потрошувачи-производители на едноставен начин односно без претходно издавање на управен акт – пишува во законот.
Неодамна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, обзнани дека се планираат промени на законот со што ќе се овозможи домаќинствата и компаниите да поставуваат фотонапонски централи на својте објекти без доволи од општините.
- Се наоѓаме во сериозна светска енргетска криза, како министерство сме во контакти за обезбедување на најповолни услови за секој граѓанин да псотави електроцентрали на своите објекти – посочи Бочварски.
„Фактор“ веќе објави дека кризата поттикна промени на законите со цел зголемување на домашното производство на енергија, но и дека има голем интерес од компаниите за поставување на панели за произвдоство на електрична енергија. Секако, упатените во оваа проблематика укажаа и на „сопките“ кои можат да ги закочат граѓаните или компаниите во намерите сами да произведат струја.
Петранка Огнаноска