Нема кој да лови инвеститори – ни трага ни глас од Канцелариите што требаше да ги заменат промоторите
Објавено во: Економија 01 Октомври, 2019
Попмезно најавени дека ќе профункционираат најдоцна до крајот на годинава,
засега нема ни трага ни глас од трите големи регионални канцеларии, што требаше
да бидат отворени во три клучни светски дестинации, едната во Соединетите
Американски Држави, втората во Германија, и третата на Блискиот Исток,
најверојатно Турција.
Овие три канцеларии Владата ги најави во јануари годинава, со образложение дека тие ќе ги заменат економските промотори кои биле скапи и неефикасни, па наместо нив, концептот беше дека странски инвеститори ќе се ловат преку трите канцеларии. За овие канцеларии се објаснуваше дека ќе имаат далеку помал број вработени во споредба со бројноста на економските промотори, што ќе значеше и заштеди за државниот буџет.
Но, според сознанија на Фактор, онака како што сега стојат работите, многу е тешко да се очекува дека канцелариите ќе се отворат до крајот на годинава.
Имено, беше најавено дека целиот процес ќе се реализира преку Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, а не преку Министерството за надворешни работи и амбасадте. Но, наши извори велат дека ова барало да се направат измени во Законот за ТИРЗ. Законските измени, според сознанијата, веќе биле подготвени во Дирекцијата за зоните, и биле испратени до Владата, но таа се уште ги нема усвоено на владина седница.
Нема информации кога овие законски измени ќе се најдат на владино разгледување, ниту, пак, кога ќе одат во собраниска процедура. А се додека Собранието не ги изгласа измените, ќе биде закочен процесот за отворање на регионалните канцеларии, што може да се пролонгира и неколку месеци.
Кога ги најави канцелариите, Владата не кажа колку вработени ќе има во нив, само беше објавено дека ќе бидат во помал број и ќе чинат помалку од промоторите. Или, конкретно, беше најавено дека канцелариите ќе почнат да работат во последниот квартал од годинава, па за овој тримесечен период во буџетот веќе биле резервирани половина милион евра. За канцелариите беше објаснето дека не само што ќе ја промовираат земјава како добра за стартување на бизнис пред потенцијалните инвеститори и ќе контактираат со компаниите, туку ќе прават и промоција на македонските производи, со цел да се зголеми извозот, а ќе бидат и линк за олеснување на соработката помеѓу домашнте и странските компании.
Претходната Влада испрати 33 промотори низ светот да ловат странски инвеститори. Првите беа испратени во 2008, а до средината на 2017 година нивниот број достигна 33, во различни земји. Имале плати од 2 и пол до 3 илјади евра, а само во 2016 година за нив се исплатиле 1,2 милиони евра. Владејачката СДСМ во изборната програма наведе дека ќе го напушти концептот на промотори, а најави дека ќе се избираат економски аташеа во амбасадите, но потоа се откажа и од таа идеја, бидејќи тие требало да бидат вработени во МНР најмалку две години, но таму во моментов немало таков кадар.
Засега нема информации дали е обезбеден потребниот персонал кој би се вработил во канцелариите. За нив Владата ветуваше дека нема да бидат партиски кадри, туку компетентни, што ќе одговорат на висината на задачата.
( Н.Н.Ф.)