НОВИТЕТИ: Од септември во ЈСП ќе се наплаќа со електронски систем
Објавено во: Македонија 07 Април, 2015
Обичните хартиени билети кои што се користат во автобусите на ЈСП летоска ќе заминат во историјата, а на нивно место ќе дојдат „смарт билетите“.
Скопје ќе добие посовремен начин на превоз, а граѓаните ќе се возат со нови електронски билети.
Денеска од страна на градоначалникот Трајановски и директорот на ЈСП Игор Јанушев беше извршен увид во инсталирањето на Системот за автоматска локација и електорнскиот систем за наплата во автобусите на ЈСП- Скопје, во автобазата на ЈСП во Автокоманда.
- Овој систем овозможува од контролен центар да се следат автобусите во реално време, дали се запазуваат пропишаните возни редови, како и можност на благовремени корекции и намалување на времето на чекање согласно со моменталните случувања во сообраќајот на градските улици, како и добивање реална слика за бројот на превезените патници по категории. Системот, исто така, дава можност за воведување нов тарифен систем / нови типови на билети: билет со можност за преседнување одеден автобус во друг, односно од една линија на друга линија, со ограничено времетраење, зонски билет, дневен билет, неделен билет, викенд билет и др“, рече Трајановски.
Имено, електорнскиот систем за наплата ќе биде инсталиран во 500 автобуси, од кои 384 автобуси на ЈСП- Скопје, а 116 на приватни превозници, и граѓаните ќе можат еден билет да користат за возење во автобусите и на приватните превозници и на ЈСП.
Наплатата на почеток ќе функционира согласно со постојниот тарифен систем, но во иднина постепено ќе се премине на нов тарифен систем.
За реализација на овој проект Градот Скопје ќе издвои околу 3 милиони евра, а се очекува Системот да почне да функционира во месец септември- истакана градоначалникот Треајановски.
Воведувањето на овој систем ќе им овозможува на граѓаните плаќањето да го направат со мобилен телефон, во готово, со кредитна картичка и со смарт картичка.
На располагање на граѓаните ќе им бидат 61 место за надополнување и продажба на картички во кои влегуваат и три автономни автомати за издавање и дополнување на картичките.
Во делот на информирањето, патниците ќе имаат големи придобивки поради навремено добивање информации поврзани со патувањето и тоа за: тековната и следната постојка, како и некои други битни информации во врска со превозот (прекин на одредена линија и слично).
Исто така, на автобуските стојалишта ќе има над 50 информациони дисплеи за пристигнување на автобусите, испраќање SMS порака преку која патникот ќе добива информација за неколку следни пристигнувања на автобус на бараната линија, преку веб апликација на која покрај времето на пристигнување на одреден автобус на одредена постојка, ќе биде на располагање и т.н. планер на патување кој ќе го дава најкраткиот и најбрзиот пат помеѓу 2 места во Градот со користење на јавниот превоз.