ОД „БЕЈБИ БЛУЗ“ ДО ПОСТПАРТАЛНА ПСИХОЗА: Што е всушност поспородилната депресија, д-р Коруноски за Фактор
Објавено во: Македонија 05 Јули, 2023
Прашањето за
постпородилната депресија се отвори по немилиот настан кој се случи завчера на
Клиниката за гинекологија и акушерство, кога 39 годишна, тукушто породена мајка
се обиде да се самоубие скокајќи од првиот кат на оваа јавна здравствена
установа. Во обид да дадеме прецизни одговори за ваквата состојба, која на
глобално ниво погодува од 15 до 23 отсто од мајките, Фактор поразговара со еден
од најпознатите гинеколози во земјава, при. Д-р Васо Коруноски. Според
литературата, постпородилната депресија е серија на емоционални и промени во
однесувањето кај мајката кои можат да настанат по породувањето, а се
припишуваат на многу биохемиски и психолошки промени поврзани со породувањето. За
ова нарушување постои и друга терминилогија и уште се нарекува „постнатална“ депресија.
-Оваа состојба не може да се открие во текот на бременоста. Сето мое долгогодишно искуство покажува дека жените трудници, особено оние кои ја планирале бременоста се среќни при контролните прегледи, се радуваат на своето бебе уште од најраните недели. Во оваа насока, сакам да истакнам дека точната причина за постпородилната депресија сè уште не е целосно позната. Според некои истражувања, причината за постпородилната депресија треба да се бара во наглото намалување на нивото на хормоните во телото на мајката по породувањето. За време на бременоста, нивото на естроген и прогестерон е до десет пати повисоко од нормалното, а потоа во рок од три дена по породувањето, нивото на овие хормони, како и на ендорфините, кортизолот и пролактинот паѓа на нивоа пред бременоста, нагласува д-р Коруноски во разговорот.
Појаснува и дека биохемиски промени во телото на мајката, се проследени и со психолошки промени кои уште повеќе ја зголемуваат веројатноста за постпородилна депресија.
-Исцрпеноста по породувањето, стресот и недостатокот на сон во првите недели од животот на новороденчето исто така можат да бидат фактори кои можат да влијаат на појавата на ова нарушување. Најголем ризик од постпородилна депресија постои кај мајките кои веќе имале проблеми со депресија или чувство на анксиозност во минатото, како и кај оние кои доживеале постпородилна депресија во една од нивните претходни бремености, вели тој.
Најголем ризик од постпородилна депресија постои кај мајките кои веќе имале проблеми со депресија или чувство на анксиозност во минатото, како и кај оние кои доживеале постпородилна депресија во една од нивните претходни бремености.
Точната причина за постпородилната депресија сè уште не е целосно позната. Според некои истражувања, причината за постпородилната депресија треба да се бара во наглото намалување на нивото на хормоните во телото на мајката по породувањето. За време на бременоста, нивото на естроген и прогестерон е до десет пати повисоко од нормалното, а потоа во рок од три дена по породувањето, нивото на овие хормони, како и на ендорфините, кортизолот и пролактинот паѓа на нивоа пред бременоста.
Постојат три главни видови на постпородилната депресија во зависност од интензитетот и времетрањето на самата состојба.
Таканаречената постпартална тага или „бејби блуз“ е благ облик кој не претставува сериозна опасност. Истражувањата покажуваат дека се јавува кај речиси 80% од мајките. Се појавува во првата недела по породувањето и се манифестира со чувство на тага, вознемиреност, често плачење без очигледна причина и проблеми со спиењето. Симптомите обично исчезнуваат по неколку дена и без медицински третман.
-Ако пак имптомите на тага и анксиозност се одолговлечат повеќе од две недели по породувањето, неопходно е да се посети лекар бидејќи постои ризик да се развие постпородилна депресија. Симптомите на постпородилна депресија може да се појават веднаш по бременоста, но и до неколку месеци по породувањето. Ова е многу посериозен проблем од постпородилната тага и влијае на приближно 10-15% од мајките. Најтешката форма сепак е постпарталната психоза, која за среќа е многу ретка и се јавува кај една од 500 мајки по породувањето. Симптомите се изразена нервоза и раздразливост, конфузија, несоница, параноја, халуцинации, хиперактивност, брз говор и манија. Најчесто се појавуваат кратко време по раѓањето и тие се многу интензивни, а може да траат од неколку недели до неколку месеци. Потребна е итна медицинска помош бидејќи постои висок ризик од самоубиство или повреда на детето. Потребно е болничко лекување на мајката и медикаментозна терапија, нагласува д-р Коруноски.
Инаку, свесноста за постпородилна депресија првпат се појавува во доцнитре 1980-ти години на минатиот век. Оттогаш, беа спроведени многу студии за нејзината инциденца, факторите на ризик и успешните стапки на третман кај светската популација.
Анита Буховски