ONE MAN SHOW! Која фирма најголемиот акционер и неизвршен директор ќе го плаќа плус како експерт за „услуги поврзани со деловното работење“?
Објавено во: Економија 08 Ноември, 2023
Скопската транспортна компанија „Интер-трансшпед“ планира да ангажира лице со договор за давање услуги на кое ќе му плаќа нето износ од 70.000 денари месечно во период од две години. И тука, на прв поглед, нема ништо невообичаено. И тоа е така додека не се види дека лицето што сака да го ангажира воедно е голем акционер, но истовремено и неизвршен член на одбор на директори на истата таа компанија „Интер трансшпед“.
Станува збор за скопјанецот Никола Ангелевски, кој заедно со познатиот бизнисмен Минчо Јорданов е најголем поединечен акционер во „Интер трансшпед“. Освен што е најголем акционер, Ангелевски е и неизвршен член на Одборот на директори на таа компанија, чија основна дејност била логистика и транспорт на потребите на поранешниот железарски комплекс.
Идејата за ангажман на Ангелевски за (цитираме) давање услуги поврзани со деловното работење на друштвото ќе биде изнесена во форма на предлог одлука пред акционерите на „Интер Трансшпед“. За неговиот ангажман како лице кое дава услуги за деловното работење „Интер трансшпед“ би исплаќал 70.000 денари нето месечно плус персонален данок. И така во период од две години. Тоа значи дека акционерот и директор Ангелевски за неговиот дополнителен ангажман како давател на услуги би наплатил од неговата компанија 27.300 евра во период од две години. Односно би добивал за услугите по две просечни нето месечни плати секој месец.
Како за оваа предлог одлука ќе гласаат и дали воошто ќе гласаат повеќе од 4.900 домашни физички лица кои се мали акционери во таа компанија останува да видиме откако ќе се одржи собрание на акционери кое специјално само за Ангелевски е закажано на 7 декември годинава.
Во „Интер трансшпед“ Јорданов и Ангелевски имаат по 19 отсто од акциите со право на глас, а Симеон Василев поседува 13,5 отсто од гласовите. Во сопствен откуп компанијата држи 10 отсто акции. Од останатите 38,5 отсто акции околу 36,7 отсто се во рацете на повеќе од 4.900 домашни физички лица. Колкава е веројатноста 90 отсто од нив да се појават и гласаат против предлогот што го поддржуваат Василев и Јорданов? Веројанто никаква...
И ова е првиот ваков преседан на „Интер трансшпед“ на македонската корпоративна сцена.
Неизвршниот директор на тоа друштво Борис Ангеловски, кој воедно е и претседател на Одборот на директори, си доби паушал од 1.355 евра (бруто) од друштвото на истиот начин со свикување на акционерско собрание. Повеќе детали има на овој линк https://faktor.mk/i-toa-go-ima-koj-e-neizvrshniot-direktor-shto-bara--paushal-od-1355-evra-vo-firma-shto-tri-godini-raboti-so-zaguba
Според официјалните податоци „Интер трансшпед“ во првите девет месеци годинава има приходи од 423.000 евра, а третиот квартал го завршил со загуба во работењето од 10.000 евра. Во овој период за плати на сите четириесетина вработени компанијата во бруто износ исплатила 271.300 евра.
Повеќе детали за предлог одлуката на следниот линк SEI Net V2
Р.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.