Пакет мерки за помош на настраданите во поплавите
Објавено во: Македонија 14 Август, 2016
Донесени се осум пакет мерки за помош на поплавените семејства во скопско.
Целосно ќе бидат обештетени домаќинствата од поплавените подрачја. Она што комисијата за проценка ќе го евидентира 100 процентно ќе биде надоместено.
Министерството за здравство ќе отвори посебна програма со која сите пациенти од поплавените подрачја ќе бидат ослободени од партиципација за здравствени услугии и тоа до крајот на 2016 година. Домаќинствата од кризните подрачја три месеци нема да плаќаат надомест за вода и ѓубрарина. Овие граѓани ќе добијат парична помош со која на своите деца ќе можат да им купат прибор за на училиште.
Семејствата приматели на социјална или детска заштита, социјална парична помош, постојана парична помош, кои примаат додаток за мобилност, за слепило, за глувост, помош и нега од трето лице и посебен додаток за деца со пречки во развој, ќе добијат 50% зголемување. За земјоделците ќе се обезбедат 30 тони јачмен од државните резерви за сточна храна. Тие ќе добијат и бесплатна анализа на поплавената почва за да се утврди дали може да се обработува во иднина.
Оние граѓани кои не ги легализирале своите куќи ќе добијат бесплатна изработка на геодетски елаборат за постапката за легализација.
Тимовите за проценка на штетите досега посетиле над 3000 семејства.