По повод празникот „Цветници“ Лајонс клуб „Вардар“ ќе сади бели рози во ФЕИТ
Објавено во: Македонија 04 Април, 2015
По повод празникот „Цветници“, во дворот на Факултетот за електротехника и информациски технологии (утре,05.04.2015 година) ќе бидат насадени 61 бели роза, донација од Лајонс клубот „Вардар“. Садењето ќе го направат членовите на клубот (30 члена ќе засадат по две рози). Со оваа активност, Лајонс Клуб „Вардар“ дава придонес кон разубавување на околината, под мотото „бели рози за чист воздух“.
Веднаш по садење на розите, членовите на Лајонс „Вардар“ ќе дадат поддршка на својот член, уметникот Живко Поповски – Цветин кој ќе го почне проектот „Цветна патека на мирот“. Ова уметничко дело „Цветна патека на мирот“ ќе биде насликано на 1000 метри континуирана хартија (со акрилик техника) и ќе биде пријавено за Гинисов рекорд.
Уметничкото дело ќе биде мобилна работилница на уметникот и ќе се работи во текот на целата година на различни локации во Република Македонија.
Со оваа активност, Цветин ќе одбележи 30 години од мисијата „Цвеќе на мирот“ (почната на 10.10.1985 година во градската библиотека „Браќа Миладиновци“) со пораката „Цвеќето во човекот не го сака ветерот на војната, јас не измислувам нови цветови, туку ги пресликувам цветовите во луѓето што ги сакаат слободата и мирот“.