Помош за поплавите од Европска унија, Обединети нации и Светска банка
Објавено во: Македонија 23 Август, 2016
Помош за поплавените ќе има од Европската унија, Обединетите нации и Светска банка, кои ги здружуваат силите во санирањето на последиците.
Заеднички тим на стручни лица од трите организации, за санација од катастрофи, е распореден на терен за да работат со колегите од Македонија. Тие ќе работат на идентификување на причините за поплавите и на проценка на последиците од истите врз населението и економијата.
Од Делегацијата на ЕУ во Македонија сметаат дека треба да се согледа и коренот на причините за катастрофите.
ЕУ го активираше Механизмот за цивилна заштита, а земјите-членки на ЕУ обезбедија финансиска и материјална помош преку овој систем. Европската комисија донираше 150.000 евра како директна помош, а придонесите од земјите-членки на ЕУ веќе надминаа два милиони евра.
Лани ЕУ одобри пакет од 10 милиони евра за Македонија за справување со последиците од поплавите, и преку Директоратот на ЕУ за цивилна заштита и хуманитарна помош обезбеди три милиони евра за регионална програма за поголема подготвеност во случај на катастрофи.