Позитивни трендови кај финансиските друштва по воведување на засилената законска регулатива
Објавено во: Економија 03 Октомври, 2024
Порталот Фактор изврши компаративна анализа на економските индикатори кај банките во однос на финансиските друштва по изменетата законска регулатива во јули 2023 година и донесениот Правилник за кредитен ризик.
Измени во Законот за финансиски друштва, за поголема заштита на потрошувачите
Во изминативе години Министерството за финансии засилено работеше на дорегулирање на финтек индустријата. Со измените на Законот за финансиските друштва, во насока на заштита на потрошувачите, беше утврден максималниот износ на сите трошоци поврзани со кредитот, а се укина и можноста за рефинансирање на претходно доспеан кредит во исто финансиско друштво. Дополнително со измените се зајакна и корпоративното управување на друштвата со зголемување на минималниот основен влог на 500.000 евра, наместо дотогашните 100.000 евра, како и задолжителното вработување на економист и правник во друштвата. Врз основа на Законот, во април годинава Министерството за финансии донесе и Правилник за кредитен ризик, со кој потрошувачите се заштитуваат од презадолжување, односно учеството на месечните обврски во месечниот приход не смее да надмине 70%.
Консолидација кај финансиските друштва, како и намалување на динамиката на издавање на кредити од страна на финансиските друштва
Со стапувањето на сила на измените од јули 2023 година, бројот на финансиски друштва се намали на 28, за разлика од 2022 година кога беа активни 35 друштва, што значи дека новите регулативи овозможиле “опстанок”, само на оние кои имале капацитет да се придржуваат кон новите регулативи. За оние друштва кај кои интерните процедури и системи беа прилагодени уште пред новиот Правилник, и работеа целосно етички и транспарентно, сево ова не само што не предизвика никакви потреси, туку им овозможи фер, унифицирана и стандардизирана законска средина за работење.
Динамиката на кредитирањето во финтек индустријата е значително намалена, земајќи ги во предвид новите регулаторни мерки кои предвидуваат минимален капитал, максимална стапка на вкупни трошоци – СВТ, како и коефициент на задолженост изразен преку односот на вкупните месечни кредитни обврски на физичкото лице и месечниот приход, со цел дополнителна заштита и контрола во служба на граѓаните, корисници на услугите на финансиските друштва.
Речиси идентичен раст на кредитирање како и кај банките
Освен намалениот раст на кредитирањето, скорешните објавени статистики на Народната Банка за обемот и растот на кредитирањето, бележат и изедначување на растот на кредитирање со оној на банките. Во првото полугодие на 2024, растот на кредитирањето од страна на финансиските друштва е под 4%, односно е на исто ниво со растот на кредитирање на домаќинствата од страна на банките.
За разлика, во текот на 2023 година, вкупната актива на финансиските друштва порасна за 23% во однос на претходната година, достигнувајќи износ од 154 милиони евра. Притоа, кај најголемите 10 финтек играчи беше сконцентрирано 85% од пазарното учество.
Финтек потенцијалот на пазарот, на пат целосно да го смени финансиското опкружување на позитивен начин
На крајот, можеме да заклучиме дека постои голем простор за дополнителен квалитативен раст на пазарот на финтек индустријата, преку наметнуваање на нови повисоки стандарди, зголемено ниво на дигитална и финансиска писменост, комплетна автоматизација на процесите, како и дигитална трансформација во финансискиот сектор.
Индустрија што во изминатите години беше етикетирана со термините “продавници за брзи пари”, “свеж кеш”, “пари само со лична карта”, се повеќе го пронаоѓа своето место во финансискиот систем на земјата и ја стекнува довербата кај граѓаните. И тоа не само поради финансиските дигитални иновации кои ги носат со себе, туку и поради сосема различното корисничко искуство.
Сево ова низ призмата на новиот Закон, кој буквално ги отстрани неетичките и неодговорни играчи, граѓаните и потрошувачите можат да бидат мирни и безбедни. Всушност според светските искуства и практики, целата позадина на идејата за “брз кредит” не е, и никогаш не требало да биде брз кеш на рака по секоја цена, туку користење ефикасна технологијата која овозможува поедноставно, целосно дигитално и безбедно искуство.
Целта како што велат од финансиските друштва е да продолжат да се борат за етичко и одговорно кредитирање без презадолжување на клиентите, како и финансиски да ги едуцираат граѓаните во однос на внимателно планирање на личните финансии и семејниот буџет.
Исто така тие велат дека ги поздравуваат сите досегашни и дополнителни мерки со кои се унапредува регулаторната рамка со цел подобрување на позицијата на индустријата, и тоа на одговорен и транспарентен начин кој не доведува до финансиска презадолженост на населението.