Добивај вести на Viber
И оваа учебна година учениците од основното училиште “Вера Јоциќ” од населбата Хиподром ќе учат во старото училиште. Иако локалните власти со години наназад ветуваат дека ќе се гради нов објект, а населбата ќе биде нов урбан и елитен простор, на терен нема ништо.
На стартот на новата учебна година неизвесно е дали учениците ќе дојдат во училиште. Дел од родителите најавија дека денеска ќе организираат протестен собир во училишниот двор и ќе правата петиција да не ги пуштат своите деца на првиот училишен час, бидејќи тие со години учат во старо и дотраено училиште, во кое според нив, не е безбедно да се следи настава. Покрај пожарот поради старата инсталација, неколкуте кражби поради необезбеденоста, деновиве раскажуваат загрижените родители, почнал да паѓа дел од ѕидот покрај една од училниците. Дополнително велат, хорор се и училниците со стари подови и плафони. Родителите се организираат и преку социјалните мрежи, а велат проблемот јавно ќе го образложат пред надлежните.
[caption id="attachment_173086" align="aligncenter" width="390"]
Спортската сала во училиштето[/caption]
“С Р А М О Т А! Во вакво "Училиште" ако може воопшто овој руиниран објект да се нарече така, ќе учат нашите деца од први септември. Додека господинот градоначалник “болва не го пецка”- имаат аргумент, се нема пари и тоа е тоа. Во села каде што има едвај 10 деца се прават нови училишта или постоечките се реновираат, господине градоначалник -дојдете и соочете се со граѓаните, граѓаните на нас. Хиподром. Нашите деца заслужуваат ново модерно училиште. За нашата населба со прст не сте мрднале од кога сте дошле на таа функција и незаборавајте дека благодарение на истите тие граѓани вие седите во таа фотеља”-пишуваат и порачуваат загрижените родители.
Тие се лути на локалната власт која како што велат за населбата се грижи само пред избори. Новото училиште, објаснуваат е празно ветување со години наназад.
[caption id="attachment_173085" align="aligncenter" width="236"]
Руинирани и искршени ѕидови[/caption]
“Што е направено или изградено во нашава населба 20 години наназад.Oдговорот е едноставен и препознатлив ( 0 ) -нула како ништо. Освен што ќе се закрпат дупките понекогаш на улиците и ќе сменат улични сијалици, се друго е ако добро памтиме, а памтиме “ЛАЖНИ ВЕТУВАЊА”-нереализирано. Едно од тие ветувања беше и ветувањето дека Хиподром ќе биде Мал Париз. Нашата населба е последна дупка на свирчето веќе со години назад, со прст не се мрднува, но кога ќе треба да се гласа, кога е време на избори тогаш не не забораваат, не посетуваат и одново ги слушаме празните верувања”-реагираат родителите.
Директорката на училиштето, Лилјана Малковска Крстевска, демантира дека е срушен ѕид покрај една од училниците. Тоа е вели, само бетонски испуст кој бил саниран деновиве.Таа објаснува дека е предвидена изградба на ново училиште со кинеска донација, но проектот закочил во документацијата и усогласување на стандардите.
“Предвидено е да се гради сосема нов објект во дворот на училиштето, за да може учениците додека се прави новото да ја следат наставата во старото училиште, кое е предвидено потоа да се урне. Има разлика во стандардите и затоа во процедура е нивно усогласување.Искрено се надеваме дека ќе почне да се реализира проектот” -вели Малковска-Крстевска.
[caption id="attachment_173083" align="aligncenter" width="599"]
Ќе се погрижат ли надлежните?[/caption]
Иако 38 години старото училиште има и спортска сала, таа веќе години наназад не е за употреба бидејќи е руинирана и со кров кој протекува. Денес околу петстотини ученици часовите по физичко ги изведуваат во холот или во училишниот двор, но само кога времето го дозволува тоа.
Од ресорното министерство велат дека во ОУ” Вера Јоциќ” е планирана изградба на спортска сала со димензии од 650 м2, но таа ќе почне кога ќе се исполнат сите услови, односно кога ќе се обезбедат сите потребни градежни дозволи.
С.Б.