„РАСПАДНАТИ“ УЧЕБНИЦИ И ИМПРОВИЗИРАНИ МАТЕРИЈАЛИ-НАСТАВНИЦИТЕ И РОДИТЕЛИТЕ РЕВОЛТИРАНИ: БРО уверува –се подготвуваат метеријали за првите месеци
Објавено во: Македонија 19 Август, 2022
На две недели од
стартот на новата учебна година, учениците, родителите, па и наставниците повторно
се соочуваат со истите проблеми. За првачињата, како и учениците во воторо
четврто и петто одделение на почетокот ќе нема учебници, додека, како што велат
соговорниците на Фактор, останатите, односно учениците од трето, шесто, седмо
осмо и девето одделение ќе учат од „распаднати и распарталени“ учебници.
-На време нема да ги имаме потребните материјали кои беа најавени. Секогаш се доцни и се прави во последен момент. Ќе се снаоѓаме кој како знае, чиста импровизација. Најлошо од се е тоа што ни се укинати црвените дневници, нешто што навистина беше од огромна корист. Таму се сапишуваше буквално се. Така е секоја учебна година. Од МОН велат дека тоа ќе биде само на стартот, но нашите искуства покажуваат дека и до почетокот на второто полугодие, огромен дел од потребните наставни материјали не се готови, велат одделенски наставнички и класни раководители за Фактор.
Истовремено и родителите на учениците посочуваат дека постоечките учебници, оние за учениците во погорните одделенија се сосема распаднати.
-Пред да го вратиме на крајот на учебната година ги лепевме, да спасиме колку што можеме. Земавме за оваа учебна година, значи вративме за седмо, земавме учебници за осмо одделение. Комплетите се „партал“. И овие ги лепиме сега. Не знам колку години не се сменети, посочува Ристе В. татко на ученичка од осмо одделение.
Освен тоа како што вели тој, сведетелствата за успехот на учениците уште не се дадени.
-И за ова доцнат. Па традиција беше кон крајот на јуни свечено да се делат сведетелствата уште од наше време. Обично ден недела, колку што се сеќавам, сите ќе се дотеравме, со букети цвеќиња и одевме да си ги земеме оценките. Тоа беше традиција. Сега очигледно тендерите го уништуваат и тој среќен момент на децата, посочува тој.
За овие проблеми, Фактор се обрати до Бирото за развој на образованието, по што директорот Зеќирија Хасипи уверува дека материјали ќе има, нагласувајќи дека Бирото за развој на образованието, во договор со министерот за образование и наука, подготвува материјали за учење за 1, 2 ,4 и 5 одделение за првите месеци од новата учебна година, во случај Педагошката служба не ги достави навреме учебницете до сите ученици.
-Согласно новата Концепција за основно образование за второ и петто оделение Бирото за развој на образованието изработи нови наставни програми и истите беа донесени од страна на министерот за образование и наука уште на крајот на минатата година. Понатаму, целата постапка за подготовка и издавање на учебници е во надлежност на Педагошката служба. Во кои рокови и како течат активностите поврзани со издавњето на новите учебници најдобро е да одговарат надлежните од Педагошката служба. Инаку, со подготовката на минатогодишните материјали за учење, коишто беа подготвени од страна на Бирото за развој на образованието, дадовме пример како треба да изгледаат материјалите, односно, учебнииците од кои треба да учат нашите ученици. Во нив се запазени приниципите на новата концпција, новите светски трендови на поучување и учење, преку текстовите, илустрациите, задачите за учениците и целиот дизајн. Во текот на оваа учебна година добивавме само пофалби од наставници и родители за изготвените материјали. Се надевам дека дадовме добар пример и дека новите учебници ќе го следат тој тренд. Бирото за развој на образоването е надлежна институција за изработка на наставните програми. Согласно динамиката на воведување на новиот наставен план за основно образование, следнатата учебна година започнува имплементација на новите програми во шесто одделение, а сукцесивно ќе се воведуваат наредните години за седмо, осмо и деветто оделение. Така што, согласно Законот и учебниците ќе се менуваат како што се воведуваат новите наставни програми. Инаку, замената и печатењето на веќе постоечките учебници, нивниот квалитет и дистрибуција по училиштата е во надлежност на Педагошката служба и најдобро е деталите поврзани со тие проблеми да ги побарате од педагошката служба.
Истовремено, како што рече тој, до почетокот на новата учебна година, сите ученици ќе ги добијат сведетелствата.
-Како што во повеќе наврати одговоривме, на време беа доставени сите свидетелствата за учениците од завршните одделенија и завршните години во средните училишта, како и дипломите за матурантите за да може непречено да се одвиваат уписите во повисоките степени на образование. Оваа недела започна доставата на свидетелствата за останатите ученици до сите училишта, така што пред почетокот на новата учебна година, сите учениици ќе ги добијат оценките за постигнатиот успех во оваа учебна 2021/22 година.
Анита Буховски