Русија и Израел со помош за поплавените скопјани
Русија и Израел донираа хуманитарна помош за поплавените семејства во скопско.
Објавено во: Македонија 19 Септември, 2016
Овие две држави се во низата пријателски земји кои понудија помош за Македонија.
Помошта од Русија е наменета за справување со последиците од поплавата и за засилување на капацитетите на службите за кризно реагирање. Таа ќе биде донирана денеска во Дирекцијата за заштита и спасување на Македонија.
Амбасадорот на Израел во Македонија, Дан Оријан и израелски експерти денеска и утре во Скопје ќе спроведат акции за помош на Македонија во борбата против последиците од големото невреме и поплавите кои го погодија Скопје на 6 август.
Оријан денеска ќе предаде донација со градежни материјали на претставници на месната заедница на Стајковци. Потоа со израелските експерти ќе направат увид на најоштетените локации. Ќе биде организиран и состанок за превенција на идни штети од поплави во урбаните средини преку имплементација на израелската експертиза. Ќе се реализира и тренинг семинар за 70 претставници на комуналните претпријатија од цела Македонија на тема „Израелските искуства во секторот на води и менаџмент со водните инфраструктури“.
За поплавените граѓани во скопско досега донираа соседите, но и многу други пријателски земји.