СДСМ ќе чека одговор од ВМРО-ДПМНЕ
Објавено во: Македонија 03 Октомври, 2018
Извршниот одбор на СДСМ вечерва ќе заседава редовно за да ја разгледа ситуацијата по референдумот и да ги утврди следните чекори по референдумот, додека истовремено и ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе се одржи седница на Извршниот комитет на партијата на која ќе се разгледува актуелната ситуација. Утре се очекува седница да има и Централниот комитет на најголемата опозициска партија.
Најтесното раководство на владејачката ќе заседава уште вечерва во седиштето на „Бихаќска“, а во игра е и седница на Централниот одбор, за членовите на ова тело да го овластат партискиот лидер Зоран Заев да презема активности за разрешување на ситуацијата која настана по недоволниот одѕив на референдумот, со тоа што или ќе се постигне договор за соработка со опозицијата или ќе се поднесе иницијатива за распуштање на парламентот.
Според тоа се очекува утревечер работите да станат многу појасни. Од СДСМ велат дека очекуваат уште еден став од ВМРО-ДПМНЕ по оној исфорсираниот пред референдумот, по што ситуацијата треба да биде појасна.
- Не станува збор за никаква координација, ниту пак имало контакти помеѓу функционери од двата табори. Во опозицијата треба да знаат дека огромно мнозинство од излезените гласачи ја прифати Спогодбата од Преспа. Ова не е ситуација во која треба да чекаме одредена бројка на опозициски пратеници да гласа со нас за уставни измени, туку ова е прилика во која сите 120 пратениици треба да го потврдат преспанскиот договор. Очекуваме уште еден став, уште една одлука од ВМРО-ДПМНЕ, а за понатаму ќе видиме како ќе делуваме, ова е сепак редовен состанок - изјави гласноговорникот на владеачката партија.
Додека кај СДСМ ситуацијата е појасна, останува да се види што ќе произлезе во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, ако се знае дека таму претседателот Христијан Мицкоски изнесе барања за предвремени избори, но останува прашањето колку се тие реални за да се исполнат, ако се знае дека во моментов на официјална Атина и се брза во спроведувањето на договорот. Доколку има вонредни избори тие би требало да се распишат веднаш и да се одржат во најкус можен рок од 45 дена. Познато е дека претходно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара формирање техничка влада, јавен обвинител на предлог на опозицијата и Анкетна комисија за референдумот.
Како што објавивме претходно, за уставни промени е потребно двотретинско мнозинство, односно 80 гласови, а владејачката коалиција во моментов има поддршка од 71 пратеник, така што недостига поддршка уште од девет пратеници од опозицијата.