СДСМ се сомнева на масовна корупција со гасоводната мрежа
Објавено во: Македонија 17 Септември, 2016
Опозициската СДСМ реагираше на најавата на Владата дека ќе направи нов проект за гасификација на Македонија преку јавно-приватно партнерство и доделување на концесија во рок од 30 наместо 20 години, што ги загрижува дека може да се претвори во најкоруптивната зделка која власта досега ја направила.
„Власта на Груевски во предизборие сака да дава концесија на 30 години, на фирма којашто наводно во иднина треба да изгради дистрибутивна мрежа за природен гас! Која е фирмата на којашто фамилијата пред заминување сака да и даде 30 годишен бизнис со гас, прашува СДСМ.
„Денешната одлука на власта на Груевски за нов проект за изградба на гасоводна дистрибутивна мрежа, дополнително упатува на отворање пат за огромна корупција, ако е земе предвид дека само пред неколку дена тие самите ја поништија својата претходна одлука за гасификација скопскиот, западниот и источниот регион. Малку се потрошените милиони евра пари на граѓаните за физибилити студии и тендерски документации за лагите до црвените ленти дека Македонија наводно се гасифицира, посочуваат од СДСМ.
Владиниот портпарол Александар Ѓоргиев претходно соопшти: Владата беше посветена на изградба на магистрални гасоводи. Досега е завршен магистралниот гасовод Клечовце-Штип, а започната е изградбата на гасоводот Штип-Неготино. Изградбата на магистралните гасоводи од Неготино до Битола и од Скопје до Гостивар преку Тетово планирано е да започне во периодот што следи.