Добивај вести на Viber
Барокната еуфорија нема да застане само со промената на фасадите на објектите. Деновиве интензивно се расчистува теренот на плоштадот Македонија за изградбата на Офицерскиот дом и луксузниот хотел, што ќе ги гради грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас, објекти кои нормално со својот изглед ќе бидат во склоп на “Скопје 2014”. Се работи за локацијата каде што сега се наоѓа паркингот на ЈП “Градски паркинг” и велосипедскиот пункт. Парцелата од 6.308 метри квадратни, грчкиот бизнисмен во 2011 година ја купи за 630.000 евра и најави дека инвестицијата ќе изнесува околу 50 милиони евра.Според маркиците од Деталниот урбанистички план Мал Ринг, двата објекта треба да бидат со максимална висина од 29 метри, а хотелот треба да има четири ѕвезди. Новиот газда е должен дел од Офицерскиот дом без надоместок да го отстапи во функција на градските власти, и тој ќе се користи како резиденција на скопскиот градоначалник, а во него ќе се смести и матичната служба.
Гркот Кондоминас во својата земја важи за контроверзен и мистериозен бизнисимен, а македонската канцеларија за правни совети “Транспаренси Македонија” тврди дека е вклучен во корупцискиот скандал за “Дојче телеком”, во 2011 година. Грчкиот бизнисмен имаше и земјиште кај хотелот “Александар палас”, каде што требаше да гради трговски и бизнис центaр, но идејата пропадна бидејќи голем дел од земјиштето беше вратено со денационализација, па подоцна парите за земјиштето му беа вратени. Грчките медиуми пак, неговите инвестиции во Македонија ги коментираа како политички обид на тогашната грчка власт, за промена на македонскиот став за спорот за името.