СЕ СЕЌАВА ЛИ НЕКОЈ НА СОЦИЈАЛИСТИЧКА „КОМУНА“ - сега е „ДС Смитх“ и годинава не ѝ оди добро! Како се направи загуба од 2,3 милиони евра за девет месеци
Објавено во: Економија 08 Ноември, 2023
Се сеќава ли некој на поранешната социјалистичка фабрика „Комуна“. Основана е непосредно после втората светска војна и важи за најстарата некогашна фабрика за производство на хартија и картонска амбалажа во земјава. Таа фабрика сега има нови странски сопственици, но во првите девет месеци од годинава бизнисот воопшто не им одел добро.
Односно, направиле загуба од дури 2,34 милиони евра, што е огромен негативен финансиски резултат. Ако се направи споредба со истиот период лани може да се види дека компанијата наследник тогаш имала добивка од 744 илјади евра, но зошто таа позитива после само една година се претвора во тежок минус, веројатно ќе покаже нивниот Биланс на успех објавен на Берзата.
Станува збор за компанијата ДС Смитх, која го објави својот неконсолидиран финансики извештај за првите три квартали од годинава.
Со оглед на тоа што фирмата нема дадено заедно со својот биланс и образложение за финансискиот резултат, ќе се обидеме да дојдеме до одговорите преку негово анализирање.
Имено, она што прво паѓа во очи и што всушност затаило во работењето на фабриката во првите девет месеци, е дека потфрлила приходната страна. Или појасно речено, затаиле приходите од продажбата и на домашниот и на странскиот пазар.
Да одиме со ред.
Во периодот од јануари заклучно со септември годинава „ДС Смитх“ имале вкупни оперативни приходи од 13,5 милиони евра, што иако е одлична сума, во однос на минатата година е намалување за 19 проценти. Најголем дел од приливите се всушност приходи од продажба, кои на компанијата и донеле сума од 13,2 милиони евра, но и тука има намалување за 20 отсто во однос на истиот период минатата година.
Затаиле и домашниот пазар и продажбата во странство. Или, како приходи од продажба на домашниот пазар се наплатени 8,4 милиони евра, што е намалување за 20 проценти, додека, пак, продажбата во странство на оваа компанија која сега е странска, и донела приливи од 4,8 милиони евра, 19 отсто помалку од истиот лански период.
Иако се мали суми, огромни растови на приходната страна има кај залихите на готови производи и недовршено производство и тоа за 270 проценти. Додека, пак, фабриката прокнижила останати оперативни приходи од 284 илјади евра, и кај нив зголемувањето е за 136 проценти.
Кај расходната страна, пак, има благо намалување, ноп тоа е далеку помало во однос на падот на приходите. Или, вкупните оперативни расходи на компанијата изнесувале 15,64 милиони евра, што е само два проценти помалку во однос на истиот период лани. И тука всушност се крие загубата, имено, кога приходите се непропопорционално пониски во споредба со расходите.
Најголема ставка на расходната страна се трошоците за суровини и материјали, кои „однеле“ 11,5 милиони евра, што во однос на истиот период лани е зголемување за 5 проценти.
Услугите со карактер на материјални трошоци се намалиле за 7 отсто, додека, пак, останатите трошоци од работењето имаат зголемување за 87 отсто.
За плати и надоместоци на вработените оваа компанија потрошила 1,3 милиони евра што во однсо на истиот перипо лани е зголемување за 2 отсто.
А, забележливо е што значајно се зголемиле останатите расходи од работењето, односно кои изнесувале 301 илјади евра, што е пораст за фантастични 650 проценти во однос на истиот период лани.
Или всушност, компанијата за девет месеци од годинава влегла во оперативна загуба од 2,1 милиони евра, што е заведено како намалување на финансискиот резултат за дури 341 отсто.
Па дури и делот на финансиските приходи и расходи не бил наклонет на ДС Смитх. Имено, компанијата имала финансиски приходи од само 14 илјади евра што е пад за 95 отсто, додека, пак, финансиските расходи обратно - „одлеале“ 285 илјади евра, што е раст за дури 108 отсто. Или, и кај нив има голем дисбаланс, а тоа уште повеќе ја зголемува крајната загуба, и таа се позиционира на 2,34 милиони евра, или тоа е намалување на финалниот финансиски резултат за 315 проценти.
Инаку, малку историја, преземена од некој од финансиските извештаи на ДС Смитх од претходните години.
Комуна била основана во 1947 година, и е најстар водечки капацитет со долгогодишна традиција за производство на хартија и амбалажа во Македонија. Почнала како скромен колектив, но потоа прераснува во државен и регионален лидер. Во 2000 година Комуна е купена и станува дел од словенечки Валкартон, кои го преземаат мнозинскиот пакет акции од 53,53 отсто. Во 2002 година, пак, доминантен сопственик на Валкартон со над 98 отсто станува компанијата „Белишче“ од Хрватска, а со тоа и на скопскја Комуна.
Во мај 2010 година, пак, мултинационалната „Дуропак“ со седиште во Виена Австрија го откупи мнозибнскиот дел од акциите на „Белишче“, со штпо и Комуна стана дел од таа групација. И од јуни 2012 Комуна се ребрендираше во Дуропак АД Скопје.
Во 2015 година ДС Смит се стекнаа со 81,1 отсто од акциите со право на глас на таа компанија. Тоа друштво во 2019 година се организираше во два деловни центри, и тоа производство на картонски плочи и картонска амбалажа, односно плочи, кутии и земјоделски гајби, како и откуп, складирање и управување со стара хартија.
„Друштвото се стреми да се развие во високопрофитабилен производен капацитет на долг рок, со меѓухнародна препознатливост“, напишале меѓу другото од компанијата во 2019 година.
Останува во наредниот период да се види дали ќе ги надминат предизвиците и ќе се вратат на патот на профитабилното работење.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.