Шекеринска: Врвот на власта одлучил да си ја киднапира државата
Објавено во: Македонија 08 Април, 2015
Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска даде интервју за бугарската приватна национална телевизија bTV.
Таа смета дека на граѓаните на Република Македонија им е јасна дијагнозата дека неколку луѓе во врвот на власта, одлучиле да си ја киднапираат својата држава. Целосната контрола долго време им траела. Веќе ја немаат целосната контрола.
„Најголемиот удар врз власта е што сите овие податоци коишто тие ги користеле против нас, против граѓаните на Македонија, сега се свртеа против нив. И тоа е проблемот со сите автократски раководители. Тие мислат дека, ако ги држат сите информации, ги држат сите полуги, дека вечно ќе владеат. Тоа е невозможно.
Овој систем полека но сигурно е во фаза на распаѓање. Недовербата е голема внатре, меѓутоа, не смееме да ги потценуваме бидејќи покажаа дека се способни да направат многу злодела.
Ние рековме, спремни сме за преговори, за Македонија да излезе до кризава на најмирен можен начин. Ќе преговараме за начинот на којшто оваа Влада треба да замине во историјата, со преодна влада, со промени на клучните функции, особено во Обвинителството“, изјавила Шекеринска.
Да и дадеме шанса на Македонија да одлучи за својата иднина. Доколку тоа не функционира, очигледно е дека работите ќе се влошат во Македонија, посочува заменик претседателката на СДСМ.
„Меѓутоа, незадоволството е големо. Граѓаните имаа страв, меѓутоа, тој страв веќе се губи. И не е случајно тоа што во Македонија, во последниве 4-5 месеци, имате серија на различни демонстрации. Различни групи протестираат, и средношколците, и новинарите, и студентите, и професорите. Тоа е резултат на чувството дека мора да се избориме за уште една шанса за Македонија“ рече таа.