Скандал на „Браќа Манаки“ - забранета претстава на затворањето
Објавено во: Македонија 17 Септември, 2016
Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ како да стана омилено место за скандали, препукувања, навреди и незамисливи постапки како што е цензура и забрана на претставата „Циклуси на животот“ предвидена за затворањето во Битола.
Станува збор за театарски перформанс на режисерот Мартин Кочовски кој е еден од најнаградуваните во Македонија, а во „Циклуси на животот“ подготвувал поголема екипа од театарски ентузијасти, но поради конзервативни ставови и политички притисок организаторите во последен момент решиле да ја забранат.
„Лицемерието на граѓанското општество во Македонија исклучително ме провоцира и ова беше одговор на сето тоа. Лицемерието на правење култура во Македонија, исклучително ме провоцира и морам да се реванширам како уметник. Дури и сум должен зашто тоа ми е професијата. Тоа е еден вид одговор на неписменоста и стравот од човечките работи. Се што е човечко мене не ми е туѓо. Тоа е правило уште од Римјаните и функционира насекаде, во сите времиња и општества освен кај нас и во некои други фашистички општества“, рече режисерот за ТВ Тера.
Една од причините за која се сомневаат дека била клучна е што на сцена се појавуваат разголени актери.
„Ова сценска изведба зборува за раѓањето, светогледот, откривање на моториката, осознавање на сексуалноста, стареењето и смртта. Ние го пуштивме на сцена нашиот презир за фестивалската „буржоазија од епрувета“. За инстант лажната класа што живее за кичот и моментот да бидат видени од секого“, велат авторите во протестното писмо.
Од Фестивалот според нив подоцна ќе соопштат која е вистинската причина за откажувањето на перформансот.