16 Јануари, 2025
0.1400

Скопје 2014 во 2015: Буџетот под напон, проектот влегува во финална фаза!

Објавено во: Македонија 12 Април, 2015

Добивај вести на Viber

Последните огласи за осветлување на спомен обележја, скулптури фонтани во Скопје и за  ентериерно уредување на конференциската сала во Музејот на ВМРО, го отворија прашањето, колку пари ќе чини пролонгираната  реализација на проектот “Скопје 2014”? За дел од стручната јавност, проширувањето на проектот и дополнителните буџетски трошења што се прелеваат и годинава за реализацијата на прокетот, се непродуктивни и можат да се искористат за други намени кои се поважни за граѓаните. -Без двоумење би инсистирала дека во моментов, а и повеќе години наназад Министерството за култура не е носител на концептите за развојни и прогресивни културни политики туку само е извршител, протеза, продолжена рака на погубните соништа на премиерот и на мала група околу него која си поигрува не само со нашиот идентитет, со нашата историја, со нашето наследство и со живата култура и со правото на култура туку отвора простор за сомневање дека недомаќински и непримерно ја става раката во џебот на граѓаните на Република Македонија, трошејќи неконтролирано на бесмислени и штетни концепти и читања на културата. Сметам дека еден ден треба да понесат одговорност сите оние кои ставиле потпис на ваквите „проекти“. Тие нанеле огромна штета на развојните процеси во сферата на културата, придонеле за нејзината ретроградност, го разрушиле системот на континуирани вредности создавајќи псевдо-конструирани вредности и истории, и, загора на сè, го загрозиле неразумно државниот буџет. Идејата за наметнатиот идентитет преку нео-класицистичкиот и пост-античкиот стил е само алатка со која популистички и авторитарно ја наметнуваат својата измислена вистина за една историја, за еден национален идентитет, а при тоа успеваат да создадат контекст во кој ќе се бавиме со целиот тој циркус, додека тие ја сотираат државата и сите нејзини социо-култирни вертикали, вели Искра Гешовска, претседател на Контрапункт Јадро. Деновиве Градот  Скопје објави оглас, на сајтот на Бирото за јавни набавки, со кој бараат фирма која ќе изврши илуминација, односно осветлување, на спомен обележја, скулптури и фонтани во Скопје. Проценетата вредност за услугата  е над 134 илјади евра, без вклучено ДДВ,  а реалната сума ќе биде позната по склучување на тендерот. Претходно Градот за оваа намена имаше склучено договор со Друштвото за производство, услуги и трговија КОД ИНЖЕНЕРИНГ од Скопје, во вредност од 96 илјади евра.Договорот беше склучен во февруари годинава, но е поништен деновиве кога е објавен новиот оглас. Според податоците објавени на веб страната на Бирото за јавни набавки, проценетата вредност на новиот договор е за околу 38 илјади повисока од таа во раскинатиот договор. Од Градот Скопје велат дека договорот  се раскинал поради технички пропуст во претходната тендерска постапка и е распишан нов со сите позиции кои требало да влезат во јавната набавка за илуминација на спомен обележја,скулптури, фонтани во Скопје. Досега за системи за  осветлување  на дел од објектите кои се во склоп на проектот “Скопје 2014”, се потрешени над еден милион и 340 илјади евра. Овој месец и Музејот на ВМРО, на Бирото за Јавни набавки објави оглас за набавка на изведба на работи за ентериерно уредување на конференциска сала.Проценетата вредност на набавката е нешто повеќе од половина милион евра. Музејот на ВМРО со восочни фигури го градеше штипски „Бетон“ и првично беше проценето дека ќе чини четири милиони евра, но досега сумата неколку пати се надмина.Од опозициската СДСМ обвинија дека цената на чинење на Музејот на ВМРО достигнала 20 милиони евра. И собранието ќе голтне уште 4, 3 милиони евра Пред неколку дена беше објавено дека за довршување на реконструкцијата на објектот на Собранието ќе бидат потрошени уште 4,3 милиони евра. Собранието кон крајот на март потпишало нов договор со градежната компанија „Бетон“, која за две години треба да изврши изведување на градежни и занаетчиски работи, но без да се прцезираат детали на што точно ќе бидат потрошени овие пари.Стручниот надзор над градежните работи ќе го врши фирмата „Геинг“, за што е склучен договор на сума од 63.000 евра. Кон крајот на минатиот месец,  Градот  Скопје објави два тендери вредни повеќе од 1 милион евра за избор на градежна фирма која ќе направи реконструкција на фасадите на две згради во центарот на градот. Фасадата на објектот број 25 на улица Македонија ќе чини околу 700 илјади евра, а втората фасада на друг објект ќе чини околу 320 илјади евра. Инаку Градот планира барокни фасади на 15 објекти на улицата „Македонија“ во центарот на Скопје. На почетокот на годинава од СДСМ изјавија дека оваа 2015-та, за проектот Скопје 2014, преку ,  градот Скопје,  ќе се потрошат над 46 милиони евра, за изградба на Панорамското тркало, зградата на ЈП Водовод и канализација, новите барокни фасади во центарот на Скопје, катна гаража, Градската куќа и за уште еден Карусел. И досега голем дел од новите објекти кои се во склоп на овој проект се градеа преку надополнувања на основните договори со дополнителни анекси. И после седум години сумата за проектот СК 2014 остана енигма Владата со реализацијата на овој голем проект почна во 2008 година. Уште на стартот не беше консензуално прифатен од стручната јавност но и од граѓаните, што се гледаше и од многубројните спроведени анекти, во кои проектот “Скопје 2014”, беше оквалификуван како најконтроверзен проект. Дел од архитектите и невладините организации остро реагираа на како што го нарекоа “силувањето на градот”, но  реализацијата продолжи, проектот постојано се надополнуваше со нови споменици и објекти. Иако на стартот се најави дека неговата реализација ќе заврши лани, сепак работите се пролонгираа а проектот се прошири со нови објекти, споменици, фонатани, фасади. Речиси сите институции добија нови барокни фасади , а дел и нови објекти во склоп на проектот. Новите барокни фасади зафатија и дел од деловните згради како Сити Галери и планираната фасада во барок за Градскиот трговски центар, за која месецов ќе одлучуваат жителите на општина Центар. Точната сума за тоа колку пари досега се издвоени од државниот буџет за овој проект, до денес остана енигма. Во јавноста имаше остри реакции од дел од експертите во однос на транспарентноста при реализацијата, конкурстите, тендерите, изборот на авторите и нивните хонорари, изборот на компаниите кои ги градеа објектите, изборот на леарниците за спомениците, и крајно изолирањето на граѓаните од целиот проект. Првично беше најавено дека реализацијата ќе чини 80 милиони евра, сума која досега со сите надополнувања на основните договори неколку пати се надмина. Во април 2013-та , според јавниот отчет на министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, поранешниот градоначалник на општина Центар Владимир Тодоровиќ и директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата Васе Доневски, се обелодени дека  сумата е поголема од првичо планираната и достигнала 208 милиони евра. Но  и ова не е финалната сума, бидејќи проектот сеуште не е завршен.На почетокот на годинава опозициската СДСМ обвини дека Владата на проектот „Скопје 2014“ досега потрошила 584 милиони евра, наместо првично планираните 80 милиони евра. На ваквите обвинувања реагираше владејачката ВМРО ДПМНЕ, од каде што ги отфрлија обвинувањата како измислици и посочија цената на чинење на проектот е 208 милиони евра. Најскап објект од целиот проект е Стариот театар, чија сума од првично најавените 2,5 милиони евра, достигна фантастични близу 37 милиони евра, а во ланскиот буџет  беа  предвидени дополнителни пари за овој објект во износ  6,5 милиони евра. Ревизијата констатираше разлики во цените Сегашниот градоначалник на општина Центар Андеј Жерновски, споведе резвизија на проектот “Скопје 2014”. Комисијата што ја спроведе резвизијата утврди незаконско работење и градење на меморијални споменици, зголемување на првично објавените пресметковни вредности на спомениците кои се разликуваат од оние во потпишаните договори, разлика во материјалите за лиење, неправилности во однос на тендерските постапки, договорите меѓу авторите и општината,  фаворизирање на одредени компании на тендерите и генерално сериозно прекршување на Законот за јавни набавки. Извештаите се поднесоа до Јавното обвинителство уште во 2013-та година, но сеуште нема никаков исход. И додека дел од економситите и опозицијата укажуваа дека во време на економска криза не треба да се трошат пари на споменици, власта имаше поинакво гледање, дека проектот се покажал како корисна инвестиција од неколку апсекти, и тоа поради зголемување на стапката на пораст во градежништвото за над 3% и зголемување на бројот на туристи кои го посетуваат Скопје. Но од друга страна странските медиуми во новиот лик на Скопје не препознаа врвно архитектонско и урбанистичко достигнување, туку како што пишуваа дел од нив - историски ќич. Токму германски „Шпигел“, за Скопје напиша дека е град на историски кич, за кој се фрла огромно богатство додека земјата се наоѓа во длабока економска криза,  „Њујорк тамс“, напиша дека центарот на главниот град е „базиран на смеса од историско и естетски нехармонично вајарство“, слични текстови за новото Скопје напишаа и други странски медиуми како лондонски “Економист”, “Фајненшл тајмс”, хрватски “Јутарњи”. Ј.С.

Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Македонија 20 години е во чекалната на ЕУ, Муцунски очекува крупни чекори годинава

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Македонија 20 години е во чекалната на ЕУ, Муцунски очекува крупни чекори годинава

ВЕВЧАНЦИ: Се работи за популарните зомби по филмовите и немаат никаква поврзаност со Зијадин Села

ВЕВЧАНЦИ: Се работи за популарните зомби по филмовите и немаат никаква поврзаност со Зијадин Села

МУЦУНСКИ: Oдбележуваме еден многу неславен јубилеј, 20 години од стекнување на кандидатскиот статус

МУЦУНСКИ: Oдбележуваме еден многу неславен јубилеј, 20 години од стекнување на кандидатскиот статус

НЕ СПОДЕЛУВАЈТЕ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ: Креиран е лажен профил со податоци на Венко Филипче

НЕ СПОДЕЛУВАЈТЕ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ: Креиран е лажен профил со податоци на Венко Филипче

Државен завод за ревизија: Имаме 100 скривници, ДЗС ги има запуштено

Државен завод за ревизија: Имаме 100 скривници, ДЗС ги има запуштено

Ќе купуваме „тајно“ оружје од САД

Ќе купуваме „тајно“ оружје од САД

НА МЛАД ПАЦИЕНТ Е ИЗВРШЕНА УСПЕШНА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА КОСКА: Корегиран деформитет на стапалото од церебрална парализа

НА МЛАД ПАЦИЕНТ Е ИЗВРШЕНА УСПЕШНА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА КОСКА: Корегиран деформитет на стапалото од церебрална парализа

Потрагата по Лидија од Јурумлери заврши трагично

Потрагата по Лидија од Јурумлери заврши трагично

„Атентат“ на Зијадин Села на Вевчанскиот карневал, ДУИ реагира

„Атентат“ на Зијадин Села на Вевчанскиот карневал, ДУИ реагира